„Не знаеме дали се терористи или се хулигани, но факт е ‘Исламската држава’ – ИСИС имаше проглас за Велигден да се палат христијанските и еврејските верски објекти. Дали е тоа резултат на тој повик или е нешто друго, полицијата ќе утврди“, вели претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви

Обидот на опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата „Бет Јаков“ претставува удар врз мирот, стабилноста и соживотот, се вели во реакцијата на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и на лидерите на петте верски заедници во државата
Во реакцијата се вели дека секое посегнување по туѓата светиња, без оглед на која верска заедница ѝ припаѓа, значи нарушување на основните вредности на почит, слобода и човечко достоинство.
Директорката на Комисијата, Оливера Трајковска, на денешната прес-конференција рече дека изразуваат осуда по повод немил настан што се случи во раните утрински часови на 12 април и изразуваат солидарност и поддршка кон Еврејската заедница.
Таа рече дека упатуваат повик до сите граѓани да покажат одговорност, разум и доблест за да се зачува соживотот.
Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, истакна дека изразуваат реакција, која истовремено е осуда и знак на поддршка бидејќи во Македонија верските заедници негуваат долгогодишна соработка, конструктивен дијалог и меѓусебна поддршка на секое поле.
Одговарајќи на новинарско прашање, од една страна, тој рече дека нема нови елементи во врска со немилиот настан, ниту инсистираат да ги добијат во интерес на истрагата, а од друга, посочи, важно ни е да се фатат сторителите, меѓутоа не е есенцијално.
„Не знаеме дали се терористи или се хулигани, но факт е ‘Исламската држава’ – ИСИС имаше проглас за Велигден да се палат христијанските и еврејските верски објекти. Дали е тоа резултат на тој повик или е нешто друго, полицијата ќе утврди“,
рече Леви.
Тој изрази надеж дека полицијата има повеќе податоци и верува дека во корен ќе се сузбијат сите вакви верски нетрпеливости кои се шират меѓу младите, меѓу недобронамерните.
Поглаварот на Исламската верска заедница, реис ул улема Шаќир Фетаху, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека во рамките на ИВЗ и меѓу сите верници од исламската вероисповед нема никаков проблем во врска со верските заедници, со верниците.
„Најодговорно тврдам дека соживотот во Македонија убаво се развива и нема никаков проблем. Верските заедници заедно со Комисијата внимаваат на тоа како се развива соживотот и се залагаме соживотот и толеранцијата да бидат на највисоко ниво. Сметам дека вакви елементи не потекнуваат од ниедна религија во Македонија. А кои се и што се тие, нашите институции, кои се одговорни за тоа, треба да ги најдат сторителите“,
рече реис ул улема, Шаќир Фетаху.
Обидот за опожарување на објектот на Еврејската заедница во Македонија и на синагогата се случи во неделата наутро. Од Еврејската заедница во Македонија рекоа дека не станува збор само за напад врз верски објект, туку длабоко вознемирувачки удар врз темелните вредности на цивилизираното општество – соживотот, достоинството и заемната почит.
Амбасадорката на Израел, Вивиен Аисен, во објава на социјалните мрежи сподели видео од инцидентот и ги повика надлежните да го расветлат случајот.
Со реакција се јави и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски кој рече дека обидот е неприфатлив, во земјата нема место за вакви дела и оти општеството стои на ставовите за толеранција и мултиетнички соживот.
