СДСМ обвинува дека Мицкоски преку медиумски настапи нарачува процеси, со цел да изврши притисок врз политичките противници, но и да ја ослабне, како што велат, борбата против корупцијата. Во реакцијата се изнесуваат и тврдења дека постојат сомнежи за меѓународни истраги поврзани со бизнис-релации на унгарскиот премиер Виктор Орбан, во кои, според СДСМ, е вмешан и Мицкоски. Партијата посочува дека јавноста наскоро би можела да дознае повеќе детали за, како што ги нарекуваат, регионални политички бизнис-врски
Опозициската партија СДСМ со низа обвинувања реагира на денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски оценувајќи дека зад неговите настапи стои страв од можни правосудни процеси.
Од СДСМ велат дека по последната изјава на Мицкоски, во која тој говори за потенцијални постапки против нивни функционери, станува збор за обид за политички притисок и дефокусирање на јавноста.

Според партијата, премиерот, откако поставил свои кадри на клучни позиции во судството и обвинителството, сега се обидува преку институциите и медиумите да влијае врз јавниот наратив и да ги прикрие, како што наведуваат, вистинските процеси поврзани со криминал и корупција.
„По изјавата на Христијан Мицкоски, во која повторно ‘имал чувство‘ за идни процеси против функционери на СДСМ, одговорот е јасен и директен. Откако ги постави своите луѓе на клучните позиции во судството и обвинителството, сега, кога самиот тој станува предмет на интерес на меѓународни истраги, Мицкоски почнува, преку злоупотреба на институциите, да се обидува да ги сокрие вистинските процеси поврзани со криминал и корупција од јавноста“,
се вели во денешната реакција од СДСМ.
СДСМ обвинува дека Мицкоски преку медиумски настапи нарачува процеси, со цел да изврши притисок врз политичките противници, но и да ја ослабне, како што велат, борбата против корупцијата.
„Повторно ‘нарачува‘ процеси преку медиуми, мислејќи дека со тоа ќе не исплаши и ќе ја запре нашата борба против неговата криминална организација. Исто како и порано, сега ја повторува истата матрица, само што овој пат неговото ‘чувство‘ го диктира стравот. Имаме чувство дека стравот му влезе длабоко во коските на Мицкоски“,
велат од опозициската партија.
Во реакцијата се изнесуваат и тврдења дека постојат сомнежи за меѓународни истраги поврзани со бизнис-релации на унгарскиот премиер Виктор Орбан, во кои, според СДСМ, е вмешан и Мицкоски. Партијата посочува дека јавноста наскоро би можела да дознае повеќе детали за, како што ги нарекуваат, регионални политички бизнис-врски.
„Имаме чувство дека Европското обвинителство веќе го има предметот за Орбановите бизнис-комбинации, во кои е вмешан и самиот Мицкоски. Имаме чувство дека граѓаните на Македонија многу наскоро ќе чујат шокантни детали за договорите Орбан–Мицкоски–Вучиќ на Балканот. Имаме чувство дека ќе дознаат како се трошеле парите на македонските граѓани, преку какви кредити, медиуми, телекомуникации и инфраструктурни проекти. Имаме чувство дека ќе стане збор и за перење пари преку одредени финансиски институции“,
пишува во соопштението од партијата.
Од партијата велат дека дел од овие наводи се базираат на чувства, но дека одговорност ќе мора да има, како пред домашните така и пред меѓународните правосудни органи.
„Ова, сепак, е само чувство. Но, де факто и де јуре знаеме дека за сето ова ќе мора да се одговара – пред домашното и пред меѓународното правосудство. Наместо да им задава задачи на своите обвинители преку медиуми, за да има материјал за својата таблоидна мрежа (од Орбан), нека се подготви да ги објасни своите сопствени врски со криминалниот режим на Орбан, бидејќи наскоро ќе му требаат пред суд“,
велат од СДСМ.
Оттаму велат дека се залагаат за еднаквост пред законот за сите, вклучително и за носителите на највисоките државни функции, обвинувајќи дека актуелната власт се обидува да ги користи институциите за лични и партиски интереси.
„Имаме чувство дека Мицкоски го чека истата судбина како и Груевски, само што овој пат ќе мора да се соочи со неа – дали како Ванчо, ќе видиме“,
пишува во партиското соопштение.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече оти нема информации, но има чувство дека високи функционери од претходната влада на СДСМ, како поранешни премиери и нивни блиски од семејствата, бргу ќе бидат опфатени со одредени прогони. Ова тој го изјави на промоцијата на новиот возен парк на „Пошта“ како одговор на новинарско прашање за ставовите на опозициската СДСМ во врска со одговорноста на поранешниот премиер Никола Груевски, кој во ноември 2018 година избега за Будимпешта, каде што доби политички азил.
Потоа упати критика кон опозицијата дека не покажува доволна самокритичност и порача дека доколку сака да биде кредибилна алтернатива, треба јавно да го повика поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, да се врати во земјата и да се соочи со правдата.
Очекува опозицијата да покаже ист степен на критичност и во случаи кога поранешни функционери од нивните редови би биле опфатени во одредени прогони, предмет на истраги или судски постапки, односно и тогаш да излезат на прес-конференции и да ги повикаат на одговорност.
„Очекувам од истата оваа опозиција да се однесува вака критички, како што сега се однесува, кога имам чувство дека набргу високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на влада, нивни блиски од семејствата итн, ќе бидат опфатени во одредени прогони. Имам чувство, не велам дека има информација, имам чувство. Очекувам дека и тогаш кога тоа ќе се случи, исто така ќе имаат вакви прес-конференции и тогаш нема да велат дека тоа е политички прогон, туку ќе ги повикаат да одговараат пред органите, односно да ја докажуваат својата невиност“,
рече Мицкоски.
