Според директорот на Царинската управа Бобан Николовски, од почетокот на мандатот во јули 2024 година до крајот на март годинава се постигнати значајни резултати. Спречени се над 2 700 обиди за нелегални дејства, а поднесени се вкупно 332 кривични пријави против 761 физичко и 254 правни лица. Во текот на 2025 година биле поднесени 213 кривични пријави, што претставува петкратно зголемување во однос на просекот од претходните години, додека само во првото тримесечје од годинава се поднесени 49 пријави
Во изминатите 20 месеци Царинската управа ги бележи најдобрите резултати во своето постоење. Особено значаен е фактот што првпат е надмината границата од 12 милијарди денари приходи во еден месец. Ова денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски на настан по повод одбележувањето 34 години постоење на Царинската управа.

Тој резултат, според него, не доаѓа случајно, туку е производ на системски пристап, засилени контроли и подобро координација.
„За првпат е префрлен месец со наплата од 12 милијарди денари, што досега никогаш тоа не се случило, рекордна наплата на приходи од страна на Царината. Во делот на кривичните пријави, гледате дека има година, тоа беше 2025 што е за петпати помногубројна од просекот помеѓу 2017 и 2023. Тоа се навистина параметри што ја отсликуваат работата на Царината и бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата што претставува основа за успешна работа на Царината. Убеден сум дека во годините што следат Царинската управа така и ќе продолжи да работи, бескомпромисно кон криминалот и корупцијата, а посветено за граѓаните“,
рече премиерот.
Директорот на Царинската управа Бобан Николовски порача дека институцијата ќе продолжи со засилена борба против криминалот и обезбедување еднаква примена на законот за сите.
Улогата на Царинската управа, како што рече, не е само контролна, туку и превентивна и заштитна, со цел создавање фер услови за работа на компаниите и елиминирање на нелојалната конкуренција.
„Компаниите што работат законски мора да имаат сигурност и предвидливост. За криминалот нема да има место таму каде што градиме силна институција“,
рече тој.
Според него, од почетокот на мандатот во јули 2024 година до крајот на март годинава се постигнати значајни резултати. Спречени се над 2 700 обиди за нелегални дејства, а поднесени се вкупно 332 кривични пријави против 761 физичко и 254 правни лица. Во текот на 2025 година биле поднесени 213 кривични пријави, што претставува петкратно зголемување во однос на просекот од претходните години, додека само во првото тримесечје од годинава се поднесени 49 пријави.
Паралелно со оперативните активности, како што додаде, се бележи и раст на приходите во буџетот.
Во втората половина од 2024 година биле наплатени 64,6 милиони евра повеќе во однос на истиот период претходната година, додека во 2025 година приходите се зголемиле за 105 милиони евра.
Трендот продолжил и годинава, со дополнителни 23,7 милиони евра во првиот квартал.
„Ова се средства што завршуваат во буџетот и се користат за инфраструктура, здравство и образование, наместо нелегално да се одлеваат“,
кажа Николовски.
Во делот на реформите, тој посочи дека се реализирани проекти во вредност од околу 30 милиони евра, финансирани од државниот буџет, Европската Унија, Република Кореја и Светската банка, со цел зголемување на конкурентноста на економијата и забрзување на евроинтеграциите.
Николовски нагласи дека целта е институцијата да премине од реактивен кон проактивен пристап, односно да ги предвидува и спречува проблемите пред тие да се појават.
„Во минатото големите риби ги јадеа малите. Тоа време заврши. Потоа дојде време кога побрзите риби ги јадеа побавните. Но и тоа време заврши. Денес, животни победници не се оние што имаат, туку оние што можат повеќе. Дојде време кога треба да се натпреваруваме самите со себе, кога ќе треба да го дадеме максимумот и да вложиме дополнителни сили и нова енергија. Простор за неми посматрачи нема да има бидејќи ќе мериме колку се вложува во работата. Денес и во иднина ќе победуваат само оние што допрва можат повеќе, а за такви се сметаме. Ние можеме и допрва ќе можеме. Правиме разлика“,
вели директорот на Царинската управа.
Во своето обраќање тој упати благодарност до Владата и премиерот Христијан Мицкоски, како и до меѓународните партнери, меѓу кои САД, Обединетото Кралство, Европската Унија и ОБСЕ, за поддршката и соработката.
