Тој додава дека истрагата за случајот е во тек, а учесниците ќе бидат повикани на одговорност

Неприфатлив е обидот за опожарување на објектот на Еврејската заедница во Македонија и на синагогата, вели министерот за надворешени работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Според Муцунски, во земјата нема место за вакви дела и оти општеството стои на ставовите за толеранција и мултиетнички соживот.
„Обидот за палење на зградата на Еврејската заедница и синагогата во Скопјe – на Велигден – е крајно неприфатлив и за силна осуда. Нема место за вакви дела во Македонија. Нашето општество цврсто стои на ставовите за толеранција и мултиетнички соживот“,
пишува Муцунски во објавата на неговиот профил на Икс.
The arson attack on the Jewish Community building and synagogue in Skopje – on Easter – is utterly unacceptable and strongly condemned. There is no place for such acts in 🇲🇰. An investigation is underway, and those responsible will be held accountable. Our society stands firm on…
— Timco Mucunski (@TimcoMucunski) April 13, 2026
Тој додава дека истрагата за случајот е во тек, а учесниците ќе бидат повикани на одговорност.
За обидот за палење на објектите вчера од Еврејската заедница во Македонија рекоа дека е не е само напад врз верски објект, туку длабоко вознемирувачки удар врз темелните вредности на цивилизираното општество – соживотот, достоинството и заемната почит.
Во соопштението се вели дека во последните години се засилуваат појавите на говор на омраза, нетолеранција и опасно поистоветување на Евреите со сложените геополитички случувања на Блискиот Исток. Од Заедницата сметаат дека таквите тенденции не се само погрешни, туку и длабоко неправедни и го отвораат патот за оживување на антисемитизмот.
Со реакција се јави и Европскиот еврејски конгрес од каде велат дека таргетирањето синагога е напад врз верската слобода и врз безбедноста на еврејските заедници.
„Беше подметнат пожар пред влезот на зградата на еврејската заедница и синагогата. Според локалните извештаи, две лица ја запалиле вратата пред да избегаат. Полицијата врши истрага за инцидентот и се засилени безбедносните мерки. Овој инцидент ја одразува континуираната ранливост на еврејските локалитети во Европа каде што местата за богослужба и животот во заедницата остануваат во опасност. Најостро го осудуваме овој напад и очекуваме одговорните да бидат идентификувани и да одговараат, како и да се обезбеди соодветна заштита за еврејските институции“,
се вели во објавата.
Амбасадорката на Израел Вивиен Аисен во објава на социјалните мержи сподели видео од инцидентот и ги повика надлежните да го расветлат случајот.
„Длабоко вознемирувачки антисемитски инцидент во Северна Македонија – прв од 1945 година – ги погодува самите вредности на соживот што ги почитува еврејската заедница. Јас сум на страната на заедницата и ги повикувам македонските власти да ги изведат одговорните пред лицето на правдата“,
пишува амбасадорката Аисен.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по седницата на Советот за безбедност на 1 март годинава, наведе дека „ширум светот определени објекти како синагоги или седишта на еврејската заедница или Музеј на холокаустот, како кај нас, може да бидат под закана“ и оти „ затоа, треба да им се посвети посебна грижа и внимание“.
„Добивме информации од надлежните дека ги следат овие процеси и дека се под заштита и контрола овие објекти, што значи не треба да очекуваме изненадување“,
рече претседателката Сиљановска-Давкова.
