Во објавата се упатува апел до сите кои се движат во овој предел доколку забележат мечка, да останат смирени и да не и се приближуваат

Млада мечка денеска е снимена во близина на селото Лазарополе. Посетители што се движеле во околината ја снимиле мечката во близина на патот што води кон селото. Снимката и фотографиите се објавени на фејсбук-страницата патувања.мк.
Во објавата се упатува апел до сите кои се движат во овој предел доколку забележат мечка, да останат смирени и да не и се приближуваат.
„Не се обидувајте да ја храните и избегнувајте нагли движења. Најдобро е едноставно да ја игнорирате и даи дозволите да продолжи по својот природен пат“,
се вели во објавата.
На истата страница, пред два дена, беше објавено дека голема мечка била снимена во селото Горна Белица, на планината Јабланица.
Мечката била снимена од сигурносни камери поставени на куќите. Снимките покажуваат како мечката поминува низ дворови и покрај куќи.
На крајот на минатиот месец, кафеава мечка беше забележана на паркинг-простор во селото Ростуше. Од видеоснимката објавена на социјалните мрежи можеше да се види како мечката се шета покрај возилата на паркингот, а кога почнуваат да ја лаат кучиња, таа се оддалечува.
Ова беше прв ваков случај во последните месеци, за разлика од претходно кога во повеќе наврати мечки беа забележани во неколку села во западните делови на земјава. Изминатите две години имаше пријавено повеќе напади од мечки, а честопати тие можеа да се забележат и покрај патиштата.
Лани во јули 41-годишна жена од тетовското село Синичане беше нападната од мечка додека се движела по шумски пат во атарот на селото.
Претходно во февруари лани тинејџер на околу 15 години два часа го следела и гонела мечка во атарот на селото Крапа во општина Македонски Брод. Детето не било директно нападнато, ниту повредено од мечката и успеало да избега, но паднало при бегањето, кога заедно со стадото овци се враќало кон трлото, односно дома кон селото.
