Според партијата, во предлогот што циркулира низ медиумите не се предвидени етнички квоти, што, како што наведуваат, може да доведе до состојба слична на периодот пред 2001 година, кога застапеноста на Албанците во администрацијата била минимална. Дополнително, се посочува дека не постои обврска институциите да ги идентификуваат граѓаните по етничка основа при вработување или унапредување, ниту, пак, се предвидени санкции за непочитување на одредбите
Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на предлог-законот за правична и соодветна застапеност, оценувајќи дека станува збор за отворено предавство од страна на ВЛЕН на досегашните достигнувања во областа на еднаквоста.

Од партијата велат дека наместо напредок, предложеното законско решение претставува, како што се посочува, брутален регрес, потенцирајќи дека документот не ги содржи клучните механизми за обезбедување правична застапеност.
„Предлог-законот за ‘правична и соодветна застапеност‘, изработен од Каракамишева и гласно поддржан од ВЛЕН, не е напредок, туку брутален регрес. Секогаш кога мислиме дека го допреле дното, тие наоѓаат нов начин да паднат уште подолу“,
велат од партијата.
Според ДУИ, во предлогот што циркулира низ медиумите не се предвидени етнички квоти, што, како што наведуваат, може да доведе до состојба слична на периодот пред 2001 година, кога застапеноста на Албанците во администрацијата била минимална. Дополнително, се посочува дека не постои обврска институциите да ги идентификуваат граѓаните по етничка основа при вработување или унапредување, ниту, пак, се предвидени санкции за непочитување на одредбите.
„Со еден збор, станува збор за закон без суштина, без правда и без механизми за спроведување“,
велат од ДУИ.
Партијата истакнува дека е особено проблематично што, како што велат, наместо унапредување на постојните механизми, предлогот фактички ги урива, при што не го следи духот на уставните одредби кои се однесуваат на правичната застапеност.
„И најголемата иронија? Ветија унапредување на постојните механизми, а во реалност ги уништуваат оние што веќе постојат. Ниту еден елемент во овој предлог не го спроведува духот на Амандманот VI од Уставот. Афирмативната политика е свесно закопана“,
велат од партијата.
Оттаму додаваат дека ваквите решенија претставуваат намерно враќање назад и предупредуваат дека станува збор за црвена линија која не смее да се премине.
„Ова не е само политички неуспех, туку намерно враќање назад, кон времето кое Албанците го имаат надминато со многу труд. И она што најмногу боли: во овој документ што ги гаси правата, стојат и албански потписи. Ова е црвена линија. Ова е аларм“,
се вели во партиското соопштение.
Воедно, повикуваат на јавна реакција и дистанцирање од, како што ја оценуваат, оваа неодговорна и опасна политика.
„Секој што сè уште верува во еднаквост, во застапеност и во достоинство, мора јасно да се дистанцира од оваа неодговорна и опасна политика. Не смееме да молчиме кога се продава сегашноста и се руши иднината“,
велат од партијата.
Пред два дена премиерот Христијан Мицкоски рече дека овој закон набргу треба да оди во собраниска процедура откако претходно ги поминал сите филтри во Владата, добил позитивно мислење од Венецијанската комисија и покрај правичната застапаност, ќе понуди квалитет, нешто што, како што додаде, досега не беше ставано во фокусот.
„Со овој закон за правична застапеност, конечно ќе се надминат сите стереотипи од минатото, сите антиуставни елементи, сето она што претставуваше, камен на сопнување во минатото. Конечно, се нуди решение што ќе ги реши овие проблеми и да можеме сите заедно правично застапени да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија“,
кажа тој.
Според него, главна цел на носењето на овој закон е подобрување на квалитетот на функционирањето на администрацијата.
Владата на редовна седница оваа недела го усвои законот за правична и соодветна застапеност, со кој, како што информира првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, се воспоставува баланс и истовремено се поставуваат темелите на професионална, транспарентна, модерна и силна мултиетничка администрација.
Законот за правична застапеност, кој долго време беше во подготовка, треба да го замени т.н. „балансер“, алатката за вработување според национална припадност во државните институции, која Уставниот суд ја укина во октомври 2024 година.
Одлуката да поведе постапка за укинување на алатката Уставниот суд ја донесе на 18 септември, по седницата на која судиите расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
