МВР информира дека може да бидат затворени и други сообраќајници во близина на верски објекти
По повод празникот Велигден, утре во Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на повеќе сообраќајници во централното градско подрачје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според најавите, од 18 часот па сè до завршувањето на верските манифестации, по потреба ќе се затвораат повеќе улици и булевари во центарот на градот.
Меѓу нив се булеварот „Партизански Одреди“ на потегот од „Франклин Рузвелт“ до „ВМРО“, булеварот „Св. Климент Охридски“ од „Илинден“ до „Димитрие Чуповски“, како и улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ од „9-ти Мај“ до кружниот тек кај „Св. Кирил и Методиј“.
Поради изменетиот режим, ќе има и прилагодување на трасите на јавниот превоз. Автобусите што вообичаено сообраќаат преку мостот „Гоце Делчев“ ќе бидат пренасочувани по булеварот „Илинден“ и улицата „Франклин Рузвелт“, со вклучување на „Партизански Одреди“.
Дел од линиите што минуваат низ центарот ќе се движат и по улицата „М. Т. Гологанов“, а истите траси ќе се користат и во спротивна насока.
Во општина Ѓорче Петров, по потреба ќе биде затворена улицата „Македонска Војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“, додека во општина Аеродром можни се ограничувања на локалниот пат кон селото Лисиче.
МВР информира дека може да бидат затворени и други сообраќајници во близина на верски објекти.
Од ЈСП Скопје соопштија дека за време на продолжениот велигденски викенд, од 10 до 13 април, автобусите ќе сообраќаат по неделен возен ред.
Жичницата ќе функционира од петок до недела од 10 до 18 часот, додека во понеделник нема да работи.
