Според министерот, се разгледува можноста за директна набавка на воена опрема од САД, за што ќе започнат преговори со Стејт департментот и Пентагон. Во рамки на модернизацијата, планирано е да се вклучи и домашната индустрија, со цел дел од инвестициите да останат во земјата и да придонесат за економски развој
Македонската армија влегува во период на интензивна модернизација, со значителни финансиски вложувања кои во наредната деценија ќе достигнат стотици милиони, па и милијарди евра, најави денеска од Вашингтон министерот за одбрана Владо Мисајловски во гостување на „Тема на денот“ на ТВ Сител.

Говорејќи за резултатите од Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави (САД), одржан оваа недела во Вашингтон, Мисајловски истакна дека клучна тема на разговорите била зголемувањето на издвојувањата за одбрана на 3,5 отсто од БДП во следните десет години.
Според него, веќе е подготвен план за постепено достигнување на оваа цел, при што средствата ќе се насочуваат директно кон модернизација на Армијата и набавка на нова воена опрема.
„Ќе се движиме внимателно, чекор по чекор, за да ги исполниме обврските кон НАТО. И покрај економските предизвици, ова е неопходно со оглед на безбедносната состојба во регионот и пошироко“,
рече министерот.
Посочи дека се разгледува можноста за директна набавка на воена опрема од САД, за што ќе започнат преговори со Стејт департментот и Пентагон.
Мисајловски најави значително зголемување на буџетот на Министерството за одбрана, со цел исполнување на НАТО-стандардите, како и зајакнување на капацитетите на Армијата за учество во меѓународни мисии и подобрување на интероперабилноста со сојузниците.
Во рамки на модернизацијата, планирано е да се вклучи и домашната индустрија, со цел дел од инвестициите да останат во земјата и да придонесат за економски развој.
На средбите во Вашингтон, како што рече министерот, е потврдена силната партнерска позиција на Северна Македонија со САД и НАТО, со најава за продлабочување на соработката преку нови договори.
Дополнително, разговарано е и за зајакнување на кибербезбедноста и справување со хибридни закани, при што ќе се издвојат посебни средства за дигитализација и развој на нови заштитни системи.
„Безбедносната слика се менува од ден на ден. Освен воените ризици, сериозен предизвик претставуваат економските влијанија, како и кибер и хибридните закани“,
кажа тој.
Според него, Северна Македонија останува фактор на стабилност во регионот и ќе продолжи да придонесува кон колективната безбедност заедно со своите сојузници.
Владите на Република Северна Македонија и на САД вчера објавија заедничка изјава по одржувањето на втората сесија од Стратешкиот дијалог во Вашингтон, во која се реафирмира определбата на двете држави за натамошно продлабочување на стратешкото партнерство и унапредување на мирот, безбедноста и економскиот просперитет.
Втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД се одржа завчера во Вашингтон. Македонската делегација ја предводеше министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, а дел од неа беа министрите за внатрешни работи Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за дигитална трансформација Стефан Андоновски и за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновски. Домаќин на дијалогот беше заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Лендау.
Кога станува збор за темите од областа на одбраната, САД и С Македонија го потврдиле нивниот траен сојуз и заедничката посветеност кон колективната безбедност на НАТО. Во тој тој контекст, се истакнува заложбата сите сојузници во Алијансата да мораат да ги зголемат трошоците за одбрана и да ја подобрат интероперабилноста.
„Соединетите Држави го поздравија патоказот на Северна Македонија за исполнување на заложбите преземени во рамките на НАТО, а според кој земјата ќе постигне вложување од 5 отсто од нејзиниот БДП во одбраната до 2035 година“,
се вели во заедничката изјава.
