„Во писмото тој изразува загриженост за најновите случувања што ги засегаат достигнувањата на Охридскиот договор, како укинувањето на ‘балансерот’, предизвиците во функционирањето на институциите што го спроведуваат Законот за употреба на јазиците и иницијативите за негово поткопување и оспорување пред Уставниот суд“, велат од ДУИ
Отвореното писмо од минатата недела, во кое ја истакна важноста на Охридскиот договор и изрази загриженост за последните случувања во земјава меѓу кои и укинувањето на „балансерот“, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го испрати до низа меѓународни лидери и до сите амбасадори на земји членки на ЕУ во земјава.

Преку писмото испратено до меѓународниот фактор, како што велат од неговата матична партија, Ахмети бара континуиран ангажман и поддршка од меѓународните партнери за зачувување на достигнувањата од Охридскиот договор, зајакнување на стабилноста и унапредување на евроатлантската перспектива на земјава.
„Во воведот на писмото, Ахмети го нагласува континуираното залагање на ДУИ за целосна имплементација на Охридскиот договор, изградбата на демократска и мултиетничка држава, како и евроатлантската интеграција на земјата. Изразува загриженост за најновите политички случувања што ги засегаат овие достигнувања, вклучително и укинувањето на механизмот на ‘балансер’ за правична и соодветна застапеност на заедниците, предизвиците во функционирањето на институциите што го спроведуваат Законот за употреба на јазиците и иницијативите за негово поткопување и оспорување пред Уставниот суд на Северна Македонија“,
велат од ДУИ.
Писмото е испратено до низа актуелни светски лидери како претседателот на САД, Доналд Трамп, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, премиерот на ОК, Кир Стармер, претседателот на Франција, Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, како и до генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и неговата заменичка Радмила Шекеринска.
Писмото на Али Ахмети е адресирано и до низа поранешни претставници и истакнати меѓународни личности.
Во отвореното писмо објавено минатата недела, лидерот на ДУИ ја истакнува важноста на Охридскиот договор и вели дека албанскиот јазик не е привилегија, туку стекнато право загарантирано со Уставот.
