Како што изјави Александар Наунов, татко на Надица Наунова која загина во пожарот, а кој е претседател на Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, на средбата со директорот Станков им било објаснето дека Институтот не смее да дава никакви податоци за извршените анализи и други податоци поврзани со нивниот дел од работата во случајот и дека наодите на Институтот ќе бидат презентирани пред судот во рамките на доказната постапка
Дел од родителите на децата што загинаа во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани утрово дојдоа во Институтот за судска медицина во Скопје каде се сретнаа со директорот на оваа институција, Александар Станков, од кого пред неколку дена побараа одговори за токсиколошките анализи од обдукцијата на телата на жртвите.

Сите родители влегоа во Институтот, а по средбата, во изјава за медиумите рекоа дека добиле потврда дека токсиколошки анализи се направени, но за резултати од нив ќе мора да чекаат да бидат изведени во текот на судскиот процес за пожарот во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Како што изјави Александар Наунов, татко на Надица Наунова, која загина во пожарот, а кој е претседател на Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, на средбата со директорот Станков им било објаснето дека Институтот не смее да дава никакви податоци за извршените анализи и други податоци поврзани со нивниот дел од работата во случајот и дека наодите на Институтот ќе бидат презентирани пред судот во рамките на доказната постапка.
Прашањата што ги мачат родителите се однесуваат на тоа дали Институтот вршел токсиколошки анализи и дали во нив било утврдено присуство на цијанидни соединенија во телата на жртвите и дека тоа е причина за настапувањето на смртта.
Според Наунов, на сребата со д-р Станков на родителите им било кажано дека се направени сите токсиколошки анализи и дека сите материјали се предадени во Обвинителството.
„Баравме од судска медицина да дознаеме дали се направени сите токсиколошки анализи за сите наши починати деца. Тоа не ни беше одговорено, па ние моравме да дојдеме затоа што дадовме рок од три дена. Дојдовме, ни објаснија дека сè е дадeнo во Обвинителство, дека се направени сите токсиколошки анализи и дека ќе чекаме на вештачењето во судот да се изјаснат со детали“,
рече Наунов.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој потврди дека денеска биле примени од директорот на Судска медицина, Александар Станков, но дека тој има кажал оти не може да сподели никакви информации со нив во овој момент.
„Тој не може да каже од што е, како е, и дека мора да се изјаснат на суд. Само потврди дека се направени токсиколошки анализи“,
рече Наунов.

Прашан дали на родителите им биле покажани некакви документи, тој рече:
„Не, ништо, не смеат. Ние имавме и претходно средба со директорот. Тој самиот ни кажува ако ние дознаеме пред (анализите) да бидат изведени на суд, тоа би имало влијание на судењето. Ние тоа го почитуваме, имаме доверба во Институтот и ќе чекаме да дојде рочиштето за да ја слушнеме правата вистина за тоа од што починале нашите деца“,
рече Наунов.
Одговарајќи на дополнително прашање, тој рече:
„Проблемот беше во тоа што кога ни починаа децата, тие земале примероци од крвта и од органите, но немало машина за испитување на токсични материи. Сега има машина, сè е испитано и е предадено во Обвинителство“.
Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков во изјава за медиумите по средбата со родителите рече дека сè што било побарано од Институтот по трагичниот настан било завршено и дека доказите ќе бидат јавно презентирани во текот на судската постапка.
„Тоа е она што можам да го кажам од средбата. Мислам дека луѓето разбраа одредени работи, ја разбраа нашата работа каква е, колку можеме и што може да се направи и јасно им дека се ќе биде јавно во текот на судската постапка“,
рече д-р Станков.
Родителите на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ на последниот „Марш за ангелите“ што се одржа во саботата (4 април) во Кочани повторно упатија повик до надлежните институции да им дадат одговори на прашањата, за кои велат, дека повеќе од една година се кријат од нив, а се однесуваат на причините за смртта на нивните деца.
Александар Наунов, обраќајќи се од маршот, најави дека ако во следните три дена не добијат јасен одговор од Институтот за судска медицина во Скопје дали биле вршени анализи за присуство цијанидни соединенија и други слични токсични соединија при обдукцијата на телата, родителите ќе дојдат пред Институтот и ќе останат таму додека не ги добијат одговорите што ги бараат.
Инаку, денеска во судницата треба да се одржи ново рочиште од судскиот процес за кочанската трагедија.

На претходното, во понеделникот, пред судот сведочеше Наско Карадаковски, татко на починатиот Александар Карадаковски, кој изнесе наводи за работниот ангажман на неговиот син му во кафулето „Класик“ и во „МММ кафе“ ДООЕЛ Кочани. Тој посочи дека Александар бил пријавен како управител без соодветно здравствено осигурување, што кај него предизвикало загриженост уште пред трагичниот настан.
Во, условно кажано, главинот судски процес за пожарот во „Пулс“ се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
