На прашањето дали владината одлука за отворање на граничните премини без ограничувања е избрзана и е со цел да се овозможи во предизборието да се вратат во земјава иселениците, техничкиот премиер Оливер Спасовски вели дека таа е донесена врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести.
„Отворањето на границите го најавуваме подолго време, зависно од анализите на Комисијата за заразни болести, а тие се темелат на епидемиолошката слика и кај нас и во регионот и пошироко, и затоа е таква проценката дека ова е моментот кога треба да ги отвориме границите за слободен проток на луѓе и услуги. ЕУ ги отвори границите за државите членки, од 1 јули се најавува и отворање и кон трети земји меѓу кои и државите од целиот наш регион“,
порача Спасовски.
Тој смета дека досегашните мерки дале резултати, а сега, како што вели, мора да се научиме да живееме со вирусот и да ги почитуваме мерките за лична заштита со цел вирусот да се држи под контрола.
„Оваа одлука не е во корелација со изборниот процес ниту со која било политичка одлука, туку според проценки на Комисијата за заразни болести. Одлуката се темели исклучиво на тоа што го даде како порака Комисијата за заразни болести“,
рече Спасовски.