Од Трансфузиологија информираат дека досега се обезбедени 31 единица крвна плазма за третман на пациенти со ковид-19
Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека досега се обезбедени 31 единица конвалесцентна плазма за третман на 31 пациент со ковид-19. Од нив, 16 се преку постапка плазмафереза и 15 единици преку стандардно дарување крв.
Директорот на Институтот, д-р Седула Усеини, објаснува дека дарител може да биде секое лице излекувано од коронавирус кое ги исполнува условите за дарување плазма наведени во протоколот кој постои во оваа институција: лицето треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус, машки дарители или женски дарители кој не раѓал или е негативен на HLA-антитела.
Процедурата понатаму предвидува земање и примерок за одредување на концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2.
Што е плазмафереза?
Постапката за дарување на плазма се вика плазмафереза и се изведува со високо софистициран клеточен сепаратор. Постапката трае од 40 до 60 минути и се издвојува од 300 до 600 мл плазма, а останатите компоненти се враќаат на дарителот. Плазмата која е дарувана е течниот дел на крвта кој брзо се надоместува. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години, со телесна тежина поголема од 60 килограми и кое ги исполнува наведените критериуми.
Конвалесцентната плазма содржи антитела против овој вирус создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста. Тие создадени антитела се присутни во плазмата и истите со дарување на конвалесцентна плазма може да се користат во сузбивање на болеста во друго лице со ковид-19.
„Сакам да изразам искрена благодарност кон хуманите дарители кои секојдневно се пријавуваат искористувајќи секаков начин и тоа преку електронскиот формулар на веб-страницата на Институтот, со директно јавување, а во последно време и преку социјалните мрежи, само да даруваат и да помагаат на нашите пациенти. Овој здравствен предизвик не сплоти и соедини сите нас, за да го победиме вирусот. Министерството за здравство следејќи ги најновите достигнувања на третман на пациенти со ковид-19, даде согласност за да се воведе протоколот за дарување на конвалесцентна плазма и секојдневно ја поддржува кампањата за дарување на плазма“,
вели директорот Усеини, кој ги повикува сите што ги исполнуваат условите да даруваат крвна плазма и со тоа да бидат хумани и да спасат човечки животи.
На следниот линк е формуларот за дарител на ковид-19 ковалесцентна плазма:
