„Пред партнерите и пред синдикатите на синдикалните подружници во администрација, се согласив на условите што ги бараа од Владата. Но, тогаш поставив едно прашање – дали се сложни ние да го мериме задоволството на граѓаните од работата на администрацијата. Ние веќе тоа го мериме трет месец по ред“, рече премиерот, најавувајќи дека на следната седница на Економско-социјалниот совет ќе ги претстави резултатите пред партнерите
Законот за правична застапеност, покрај соодветна застапеност, ќе го подобри квалитетот на работата на администрацијата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање – што ќе се промени во начинот на функционирање откако вчера беше усвоен на владина седница.

Посочи дека Законот набргу треба да оди во собраниска процедура откако претходно ги поминал сите филтри во Владата, добил позитивно мислење од Венецијанската комисија и покрај правичната застапаност, ќе понуди квалитет, нешто што, како што додаде, досега не беше ставано во фокусот.
„Со овој закон за правична застапеност, конечно ќе се надминат сите стереотипи од минатото, сите антиуставни елементи, сето она што претставуваше, камен на сопнување во минатото. Конечно, се нуди решение што ќе ги реши овие проблеми и да можеме сите заедно правично застапени да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија“,
рече Мицкоски.
Според него, главна цел на носењето на овој закон е подобрување на квалитетот на функционирањето на администрацијата.
Посочи дека на последниот Економско-социјален совет, како влада, се согласиле на условите што се побарани од синдикатите, како Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудствто на Македонија (САДУ) и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните – УПОЗ во однос на зголемувањето на платите, нагласувајќи оти е важно да се добие подобар квалитет од администрацијата.
„Пред партнерите и пред синдикатите на синдикалните подружници во администрација, се согласив на условите што ги бараа од Владата. Но, тогаш поставив едно прашање – дали се сложни ние да го мериме задоволството на граѓаните од работата на администрацијата. Ние веќе тоа го мериме трет месец по ред“,
вели премиерот.
Најави дека на следната седница на Економско-социјалниот совет ќе ги претстави бројките пред партнерите.
„Сето она што се бараше од нас како влада го направивме. Сега очекуваме заедно со граѓаните од страна на администрацијата да добиеме подобар квалитет“,
кажа тој.
Свесен е, како што рече, дека со едно законско решение не може да се реши сè, додавајќи и оти е потребна свест и да се работи и на менталитетот.
Владата на вчерашната редовна седница го усвои Законот за правична и соодветна застапеност, со кој, како што информира првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, се воспоставува баланс и истовремено се поставуваат темелите на професионална, транспарентна, модерна и силна мултиетничка администрација.
Законот за правична застапеност, кој долго време беше во подготовка, треба да го замени т.н. „балансер“, алатката за вработување според национална припадност во државните институции, која Уставниот суд ја укина во октомври 2024 година.
Уставниот суд го укина т.н. „балансер“ на 9 октомври 2024 година. Одлуката да поведе постапка за алатката Уставниот суд ја донесе на 18 септември, по седницата на која судиите расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
