За време на посетата, директорот остварил средба и со тројца потенцијални кандидати. Станува збор за пилоти со искуство од над 300 авиочасови во спортско летање

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) започна активности за зајакнување на капацитетите за гаснење пожари од воздух. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, остварил работна посета на спортскиот аеродром во Штип, каде што биле разгледувани можностите за обука на нов кадар за управување со авионите „ертрактори“.
Ангелов, како што информираат од ДЗС, се сретнал со сопственикот на компанијата „Римин ер“, Раде Ивановски, кој е пензиониран пилот на комерцијални летови и инструктор. Главна тема на разговорот било воспоставување основна обука за „ертрактори“.
За време на посетата, директорот остварил средба и со тројца потенцијални кандидати. Станува збор за пилоти со искуство од над 300 авиочасови во спортско летање.
Како дел од посетата, Ангелов реализирал и извидувачки лет над Штипскиот Регион заедно со еден од кандидатите.
Во овој момент, како што се посочува, ДЗС има пет пилоти на „ертрактори“, еден авион е сервисиран и е на аеродром, функционален, а два се на сервис. Се очекува тие да пристигнат сервисирани и подготвени за употреба месецов, а најдоцна во мај, со што од ДЗР велат дека поподготвено ќе се пречека летната сезоната на пожари на отворено.
