Запрашан за тоа колку средства одвојува државата за трансфери кон Фондот, Мемов рече дека во 2024, 2025 и во оваа 2026 трансферите се зголемуваат, имајќи го предвид скалестото зголемување, односно усогласувањето на пензиите

Граѓаните да бидат сигурни, пензискиот систем никојпат не може да колабира бидејќи исплатата на пензиите ја гарантира државата односно Владата. Ова го истакна директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Никола Мемов, во синоќешното гостување на телевизија Телма. Тој посочи дека сите евентуални недостатоци на средства во Фондот се покриваат директно од државниот буџет, согласно законот.
„Така да граѓаните треба да бидат стабилни, смирени и сигурни дека пензии ќе се исплаќаат во една држава, односно во Република Македонија, сѐ додека постои државата“,
нагласи Мемов.
За соодносот на бројот на вработени и пенизонери, што е од клучно значење за прибирање на доволно средства за да може да функционира системот, Мемов рече дека сега тој е 1,64 вработени на еден пензионер. Тој додаде дека соодносот, на пример, во 2016 изнесувал 1,86, а од 2019 година континуирано се намалува.
Запрашан за тоа колку средства одвојува државата за трансфери кон Фондот, Мемов рече дека во 2024, 2025 и во оваа 2026 трансферите се зголемуваат, имајќи го предвид скалестото зголемување, односно усогласувањето на пензиите.
„Граѓаните знаат дека за една и пол година, односно од септември 2024 до први април 2026 година пензиите се зголемени за 7 000 денари секој месец, номинално во вкупниот износ е повеќе за 36 проценти. Просечната пензија за година и пол е покачена за скоро 40 проценти, а минималната пензија е покачена за 68 проценти, од 13 200 денари на 20 888 денари“,
рече Мемов и додаде дека од септември повторно ќе се применува швајцарскиот модел на усогласување на пензиите.
Во однос на износот на трансферите Мемов рече дека за 2026 година тие се планирани на 62,8 милијарди денари, што е приближно една милијарда евра. Како што објасни, од нив околу 30 милијарди денари всушност се користат за исплата на покачените пензии во износ од седум илјади денари, околу 13,7 милијарди денари за здравствено осигурување и 19,6 милијарди денари за транзициски трошоци кон пензиските друштва од вториот столб.
Запрашан зошто Фондот го плаќа здравственото осигурување на пензионерите Мемов објасни оти Законот не предвидува дека со плаќање придонеси на здравственото осигурување граѓаните ќе се стекнат со право на здравствено осигурување кога ќе се пензионираат.
„Кога осигурениците, односно сите вработени, плаќаат придонеси за пензиско и инвалидско осигурување кои се на висина од 18,8 отсто, тие остваруваат право на социјална заштита, односно право на пензија. Преку месечното плаќање на здравствено осигурување граѓаните добиваат осигуруваат и здравствена заштита за тој месец. Законот не предвидува дека со плаќање придонеси на здравствено осигурување граѓаните ќе се стекнат со право на здравствено осигурување кога ќе се пензионираат. Така е дефинирано во законите. Е сега, ние можеме да дискутираме за овие прашања. Може да се отворат во рамки на Министерството за здравство, Министерството за социјална политика, демографија и млади и да се дискутирааат овие состојби“,
додаде тој.
Во однос на можните реформи и каков модел ѝ е потребен на Македонија, директорот Мемов рече дека не постои унифициран пензиски модел кој може да се преслика и дека секоја држава си има свој. Тој нагласи дека нема држава во ЕУ што нема дефицит и сите имаат потреба за трансфери, освен скандинавските земји, но и тие не се класични пензискки фондови, туку инвестициски фондови.
Мемов нагласи дека последната Мисија на ММФ предупредила дека треба да почне да се размислува за реформа на пензискиот систем. Тој појасни дека во Фондот се прават сериозни анализи и се подготвуваат мерки кои би ги предложиле до Министерството за социјална политика демографија и млади и до Владата, но сѐ уште не се докрај дефинирани. Според него, најважно е законодавецот да ги стимулира работодавачите да плаќаат придонеси.
