„Од околу 130 наши автобуси што беа во функција, сега од гаражите излегуваат 180 автобуси. Значи, имаме зголемено за 50 функционални автобуси. Дополнително зголемен е и бројот на автобусите на приватните превозници, кои во минатото од различни причини одбиваа да сообраќаат на дел од линиите“, кажа скопскиот градоначалник
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски вели дека состојбата со јавниот превоз во Скопје ќе се нормализира откако ќе пристигнат новите 100 автобуси што ги набавува Владата, но и дополнително со реализација на проектот за брз автобуски превоз – БРТ.

Одговарајќи на советничко прашање на седница во Градот Скопје, кажа дека состојбата со јавниот превоз е подобрена, како и дека во моментот на линиите сообраќаат 180 автобуси.
„За брзо мислам дека таа голгота со јавниот превоз ќе заврши конечно. Од околу 130 наши автобуси што беа во функција, сега од гаражите излегуваат 180 автобуси. Значи, имаме зголемено за 50 функционални автобуси. Дополнително зголемен е и бројот на автобусите на приватните превозници, кои во минатото од различни причини одбиваа да сообраќаат на дел од линиите“,
рече тој.
Според него, состојбата во јавниот превоз не е идеална, но го даваат максимумот и смета дека таа е подобрена во однос на претходно.
„Дали е идеална или таква каква што сакаме да биде? Далеку е од тоа. Не е. Но, тоа ќе го решиме, како што споменав, при завршување на целиот процес за набавката на автобусите, од една страна, и дополнително БРТ, знаете дека е еден од проектите на кои работиме со силен интензитет“,
кажа Ѓорѓиевски.
Министерството за транспорт на 27 февруари го распиша тендерот за набавка на нови електрични автобуси и станици за нивно полнење. Наместо 120 ќе се купат 150 автобуси, од кои 100 ќе бидат за Град Скопје, а останатите 50 за другите градови.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во февруари рече и дека е убеден оти до јуни или јули годинава ќе пристигне првата пратка нови автобуси за главниот град, што значително ќе ја олесни кризата со јавниот градски превоз.
