Водата од реката Брегалцица доби бела боја во делот кај стопанските објекти во кругот на поранешниот текстилен комбинат „Македонка“ во Штип.
Екипи од крим техника од штипската полициска станица и членови на Здружението на спортски риболовци „Брегалница“, попладнево земаа мостри од каналот за отпадни води тој излегува од кругот на стопанските објекти.

Спортски риболовци најавија дека примероците од водата ќе ги испратат во Скопје, за да се открие какви хемекалии попладнево се испуштени од овој канал. Тие бараат на терен да излезат и инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина за да откријат, кој стопански субјект ја направил хаваријата.
За случајот се огласи и градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, кој побара најстроги казни за сторителите.
„Крајно вознемирува сликата од коритото на река Брегалница во моментот. Веднаш по добивањето на информацијата бев на терен и пријавив до надлежните инспекторати со цел брзо откривање на сторителите. Од таму сум информиран дека се земаат мостри од водата, а крим техника веќе работи на откривање на сторителите. Во акцијата е вклучено и спортското риболовното друштво од Штип. После констатацијата на состојбата од теренот барам да бидат изречени најстроги казни за сторителите“,
реагира Бочварски.
Инаку, спортските риболовски посочуваат дека ова не е првпат Брегалница да ја смени бојата во штипскиот регион. Потсетуваат дека пред две години водата добивала и црвена, сина и црна боја. Инспекторскиот увид тогаш не откри виновници, туку беше откриен пропуст кај неколку компании во кругот на поранешна „Македонка“, а кои се занимаваат со боење ткаенини.
