Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска имал две одвоени видео средби со првите луѓе на ОБСЕ/ОДИХР во земјата, со шефот на Мисијата во Северна Македонија, Клеменс Која, и со шефицата на Специјалната изборна оценска комисија за набљудување на изборите, Лаима Андеркиене.

„Претседателот Заев соопшти дека СДСМ и владата ги напрвија сите услови за еднаква изборна борба на сите политички чинители и на тој начин ја потврдија зрелоста на државата, после долго време да организира беспрекорни фер, демократски и слободни избори. Од страна на претседателот Заев беше побарано ОБСЕ/ОДИХР да ја надглеуваат работата на сите институции вклучени во изборниот процес, со цел сите да бидат на висина на својата задача“,
соопштија од партијата.
Во разговорите тој посочил дека Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ги има соодветните услови за набљудување на изборниот процес, а дискутирале и за стандардите во кампањата кои се однесуваат на заштита од коронавирусот.
Тој зборувал и за кампањата на СДСМ и коалицијата „Можеме“ и порачал дека ќе водат фер и позитивна кампања, насочена на промоција на заштитата на здравјето на граѓаните, создавање нова развојна македонска економија, градење правна и праведна европска држава…
„На крајот, претседателот Заев заклучи дека ова се многу важни избори за враќање на легитимни и фукцнионални институции, како и за продолжување на државата по правиот пат по кој оди во изминатите три години“,
додаваат од СДСМ.
Кампањата за изборите почнува на полноќ, а денот на гласање ќе биде 15 јули.
