Осврнувајќи се на предизвиците со кои се соочува човештвото, особено на војните што предизвикуваат страв кај луѓето, претседателката изјави дека искрено верува оти Велигден, како празник над празниците, ќе донесе мир, духовност и мудрост
Верниците на Римокатоличката црква денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.

По тој повод, државниот врв – претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието, Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски упатија честитки до сите верници кои денеска го слават празникот посакувајќи и празничните денови да ги поминат во добро здравје, радост, љубов и среќа.
Претседателката Сиљановска-Давкова во честитката упатена до скопскиот бискуп и епарх струмичко-скопски, д-р Киро Стојанов и до сите верници од католичка вероисповед, вели дека два милениуми Христовото воскресение постојано влева надеж и верба во доброто, како неутешлив белег на човековата природа.
Осврнувајќи се на предизвиците со кои се соочува човештвото, особено на војните што предизвикуваат страв кај луѓето, претседателката изјави дека искрено верува оти Велигден, како празник над празниците, ќе донесе мир, духовност и мудрост.
„Исус Христос нè научи дека без емпатија, солидарност и толеранција и без разбирање на другиот и поинаквиот, нема соживот. Очекувам Велигден да го разбуди Божјото во сите нас, да нè потсети дека животот е посилен од смртта, а светлината од темнината и да ни помогне да исчекориме напред, по Божјиот пат!“,
пишува претседателката на државата во честитката.
На времињата на предизвици во честитката до верниците од католичка вероисповед се осврнува на премиерот Христијан Мицкоски кој вели дека ваквите околности не повикуваат сите да си подадеме рака и заеднички да ја градиме државата, како заеднички дом.
„Само преку толеранција, заедништво, сплотеност, хуманост и взаемна почит можеме максимално да придонесеме за подобра и поправедна држава и за просперитетна татковина во која секој граѓанин ќе има можност за достоинствен живот, сигурна иднина и економски напредок. Нека духот на овој празник нè инспирира да градиме мостови на разбирање, да ја зајакнуваме меѓусебната доверба и да работиме заедно за да ја направиме нашата земја уште поубава, поуспешна и пред се посреќна, како за сите нас, така и за идните генерации“,
вели Мицкоски во честитката, објавена на неговиот фејсбук-профил.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во честитката до сите верници кои го слават Христовото воскресение според католичката традиција, упати повик велигденските празници да бидат поттик за зацврстување на довербата, разбирањето и заедништвото, како вредности што нè обединуваат во градењето на подобра иднина за сите граѓани.
„Овој празник носи пораки на надеж, љубов, мир и духовна обнова. Во денови кога се потсетуваме на значењето на меѓусебното почитување, солидарноста и добрината, упатувам искрени желби празничните денови да бидат исполнети со здравје, спокој, радост и благосостојба“,
вели Гаши.
Инаку, традиционално во земјава централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето срце Исусово“ во Скопје, каде што беше отслужена Воскресна литургија.
На литургијата присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска, претставници на верските заедници, граѓанските власти и дипломатскиот кор и личности од јавниот и општествениот живот.
Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред катедралата и внесување на воскресната свеќата во катедралата.
Велигденската литургија ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх, д-р Киро Стојанов.

Тој ја прочита воскресната проповед и им го честиташе празникот на католичките верници.
Во Велигеднската проповед, тој се осврна на воените конфликти во Украина и во Иран, посочувајќи на заложбите на папата Лав Четиринаесетти и неговите молитиви за ставање крај на непријателствата.
„На Блискиот Исток, крвта од минатите конфликти сè уште не се исушила на земјата каде што била пролеана, а нов конфликт веќе повторно се разгоре, ширејќи се во околните земји, со насилство и уништување, продолжувајќи да шири омраза и страв, што предизвикува кај нас загриженост. Христијаните во овие земји, исто така, како ‘мало стадо’, се обединети во човечко братство со други народи и заедници во земјите погодени од војната и доживуваат тешки искушенија во постојана опасност и неизвесност за нивните животи. Среде ваквото страдање, папата Лав постојано повикува на молитва за мир за да се запре татнежот на бомбите, да се замолчи оружјето и да му се даде можност на дијалогот во кој можат да се слушнат гласовите на народите“,
порача скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, д-р Киро Стојанов во воскресната проповед.
