Осомничениот, кој бил вработен во образовна установа, во периодот од април 2024 година до 1 април годинава, на компјутерските уреди и опрема што ги користел дома, за себе набавувал и поседувал материјали со детска порнографија
Основниот суд Битола го прифати предлогот за притвор за 31-годишниот битолчанец вработен во образовна установа кој е осомничен за дистрибуција на детска порнографија, информираат од Обвинителството.

Оттаму информираат дека претходно Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола покрена истрага и предложи притвор против 31-годишен битолчанец осомничен за дистрибуција на детска порнографија, случај што е дел од меѓународна истрага за онлајн злоупотреба на деца, произлезена од акција предводена од Австралиската федерална полиција.
Осомничениот, кој бил вработен во образовна установа, во периодот од април 2024 година до 1 април годинава, на компјутерските уреди и опрема што ги користел дома, за себе набавувал и поседувал материјали со детска порнографија.
За детална проверка на сите добиени сознанија во врска со случајот, од Обвинителството информираат дека освен во Битола, се преземаат дејствија и се вршат проверки и во Скопје и други градови.
„Постапката е резултат на предистражни дејствија на Обвинителството во координација со СВР Битола и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика Скопје, кои произлегоа по известување од австралиската федерална полиција која пред извесен период спровела акција за откривање на веб-страници одговорни за дистрибуција на слики и видеа кои содржат материјали од злоупотреба на деца“,
соопштија од Обвинителството.
Во рамки на акцијата за откривање на корисниците на ИП-адресите кои се обиделе да пристапат до една или повеќе веб-страници, австралиските служби идентификувале повеќе корисници, нивните електронски и ИП-адреси од кои дел во Македонија, за што испратиле известување и до македонските истражни органи.
