Други најчесто користени услуги преку овој портал се и барање за издавање одобрение за набавување оружје за физичко лице, издавање потврда од казнена евиденција за стажот на осигурување, остварените плати и надоместоци
Една од најкористените услуги на порталот uslugi.gov.mk е за вадење електронски изводи од матичната книга на родените, информира денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Посочи дека аплицирањето за електронски изводи од матичните книги на родените, венчаните, на умрените и потврдата за слободна брачна состојба се достапни на електронскиот портал uslugi.gov.mk, што значи дека и аплицирањето на порталот и добивањето на услугата се целосно електронски.
„Документот го добивате и во своето електронско поштенско сандаче, нешто што го промовиравме во декември минатата година. Го добивате и на својата мејл-адреса, па потоа може да го испечатите ако сакате“,
рече тој.
Во однос на обврската електорнскиот документ да се испечати, според министерот, за жал, повеќето од законите бараат извод од матична книга, а институциите сметаат дека треба да биде печатен документ.
„Токму во оваа насока се измените кои се прават на секој од поединечните закони, каде што се вели дека освен електронски извод, може да ја добиете и таа потврда по службена должност, нешто што, на пример, Министерството за внатрешни работи го користи за издавање лиценци или дозволи за оружје. Тие по автоматизам или по службена должност сами ги прибираат податоците за државјанство, за извод од матичната книга на родените и потврда за неосудуваност од страна на судовите. Се надевам дека во оваа насока ќе се придвижат и другите институции. Мое е да кажам дека можноста постои, а задача на секоја од институциите е тоа да го реализира“,
вели Андоновски.
Инаку, освен издавање извод од матична книга на родените, други најчесто користени услуги преку порталот uslugi.gov.mk се и барање за издавање одобрение за набавување оружје за физичко лице, издавање потврда од казнена евиденција за стажот на осигурување, остварените плати и надоместоци.
Министерот денеска најави дека во јуни ќе биде потпишан договор за меѓусебно прифаќање на електронските потписи помеѓу Црна Гора и Македонија.
Тоа значи дека секој електронски потпис издаден во Македонија ќе биде признаен како целосно валиден во Црна Гора и, обратно, секој електронски потпис издаден од кој било издавач во Црна Гора ќе биде еднакво валиден во земјава.
