Според министерот за дигитална трансформација, тоа ќе значи големо олеснување за трансферот на работата и за бизнис-активностите на македонските и црногорските компании
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска најави дека во јуни ќе биде потпишан договор за меѓусебно прифаќање на електронските потписи меѓу Црна Гора и Македонија.

Ова, како што појасни ресорниот министер , значи дека секој електронски потпис издаден во Македонија ќе биде признаен како целосно валиден во Црна Гора и, обратно, секој електронски потпис издаден од кој било издавач во Црна Гора ќе биде еднакво валиден во земјава.
Андоновски на денешната промоција на новите електронски услуги за студентите од Државниот завод за статистика (ДЗС), достапни на порталот uslugi.gov.mk, рече дека имале квалитетни два дена разговори со претставници од Црна Гора, а потпишувањето на договорот се подготвува за самитот за кибербезбедност во Париз, што треба да се одржи на 1 и 2 јуни.
„Ќе потпишеме договор за меѓусебно прифаќање на електронските потписи меѓу Црна Гора и Македонија. Тоа ќе значи големо олеснување за трансферот на работата и за бизнис-активностите на македонските и црногорските компании“,
изјави Андоновски.
Договорот, според Андоновски, ќе овозможи големо олеснување на комуникацијата меѓу двете држави и ќе помогне за подобрување на економските односи.
