Меморандумот треба унапреди соработката меѓу научно-истражувачката заедница и институциите во насока на поттикнување на иновациите, поддршка за претприемништвото и стартапите, како и развој на конкурентна економија
Ректорите на државните универзитети во земјава денеска потпишаа меморандум за соработка со Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА), кој треба да ја унапреди соработката меѓу научно-истражувачката заедница и институциите во насока на поттикнување на иновациите, поддршка за претприемништвото и стартапите, како и развој на конкурентна економија.

Меморандумот за соработка денеска во Владата свечено го потпишаа ректори/проректори на јавните универзитети и директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, а за значењето на иницијативата во своите обраќања пред присутните говореа премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Мицкоски порача дека меморандумот е важен чекор кон подобро поврзување на образованието, науката и економијата, што, како што рече, е неопходно во услови на брзи глобални промени.
„Меморандумот испраќа силна порака дека преку партнерство можеме да создадеме услови за развој на претприемништвото, за поддршка на стартапите, за зголемување на конкурентноста на нашите компании и за изградба на економија базирана на знаење. Особено е важно што оваа иницијатива отвора простор за подлабока соработка помеѓу универзитетите, институциите и бизнис секторот, што може да резултира со нови проекти, заеднички истражувања и креирање решенија со реална примена. На тој начин, се создаваат услови за задржување на младите таленти и нивно активно вклучување во развојот на домашната економија“,
рече Мицкоски и додаде дека фокусот на партнерството е согласно стратегиските приоритети на Владата.

Премиерот очекува дека преку заеднички активности ќе се унапреди иновацискиот и технолошкиот екосистем, ќе се поттикне претприемачкиот дух кај младите и ќе се создадат нови можности за развој и раст.
Министерката за образование Весна Јаневска посочи дека потпишувањето на меморандумот не е формалност туку потврда на заедничката определба за уште посилна врска и соработка меѓу државата и универзитетите.
Меморандумот го потпишаа ректорите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Државниот универзитет во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, Универзитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Ја поздравија иницијативата и изразија очекување дека придобивките и резултатите од партнерството со ИНОВА ќе бидат видливи набргу.
