Пензионерите да бидат спокојни, пензиите ќе се добиваат предвреме, а пензискиот систем е стабилен, уверуваат вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска и дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, кои денеска се сретнаа со пензионерите од Охрид со кои разговараа за актуелната состојба.
„Грижата за пензионерите е еден од приоритетите на оваа Влада. Ветивме дека ќе ги зголемиме пензиите и тоа го направивме. Јануарската пензија беше повисока за 722 денари, а ова зголемување влезе во основицата на пензијата што се исплатува секој месец. Со тоа просечната пензија ја зголемивме на 15 500 денари, зголемувањето на пензиите се прави според закон, со издржани пресметки“,
рече Царовска.
Секој пензионер има право на достоинствен живот и сите имаат право да уживаат во плодовите од тоа што го сработиле во животот. Кризата предизвикана од коронавирусот потврди дека она што им треба на пензионерите е услуга во заедниците во кои живеат.
„Го почнавме развојот на услуги на локално ниво како што се помош и нега во домашни услови, и тој процес мора да продолжи. Пензионерите на кои им е неопходна поддршка во секојдневните обврски и во справувањето со хроничните болести, со закон добија право на помош во домот. Ова е концептот на чија имплементација работиме, ги подготвуваме општините и давателите на услуги“,
рече Шкријељ.
