Александар Стојановски на денешното рочиште рече дека неговата сестра Ивана живеела во постојан страв и оти добивала закани од Стојанче. Размислувала да го пријави во полиција, но повторно му се враќала на сопругот, што семејството не можело да го разбере
Ивана постојано добивала закани и уцени од нејзиниот сопруг Стојанче – сведочи на денешното рочиште нејзиниот брат Александар Стојановски, кој вели дека таа не се враќала доброволно кај сопругот туку поради страв за сопствениот живот и за безбедноста на нивната ќерка Катја.

Опишувајќи го односот меѓу сопружниците, тој вели дека откако Ивана и Стојанче стапиле во брак, неговата сестра постепено се изолирала од пријателите, а кон крајот на 2024 и почетокот на 2025 година семејството забележало значителни промени во нејзиното однесување. По настанот во Штип, кога Стојанче ги оставил неа и нивната ќерка Катја среде автопат, двете дошле да живеат во станот на родителите на Ивана.
Таа тогаш почнала да им раскажува на нејзините за односот со Стојанче.
„Ми се довери дека има сериозни проблеми и дека ѝ треба помош да ги реши. Татко ми ангажираше адвокат за да почне бракоразводна постапка. Ивана ми се довери за станот. Рече дека се сомнева дека обвинетиот има направено фалсификат и дека без нејзина согласност го префрлил станот на свое име. Ивана не била на нотар. Ова го знаеше и адвокатот што го ангажираше нашиот татко. Таа рече дека има доказ и дека ќе му го даде на адвокатот, ама тоа не се случи. Рече дека има и дополнителни докази за некои активности на обвинетиот во нејзиниот телефон и дека се плаши. Ѝ реков да ги извади од телефонот, да ги стави на УСБ и да ни ги даде мене и на адвокатот, оти од тој момент сериозно се загриживме за неа“,
сведочеше братот на Ивана пред Судот.
Рече дека Ивана живеела во постојан страв и дека добивала закани од Стојанче. Размислувала да го пријави во полиција, но повторно му се враќала на сопругот, што семејството не можело да го разбере. Посочи дека обвинетиот поседувал оружје и ѝ се заканувал, барајќи 30 000 евра за да се повлече од станот.
„Како брат почувствував потреба да го довршам тоа што го почна татко ми за активирање на барањето за развод, а Катја и Ивана да останат кај мајка ми во станот. Ивана ни кажа дека Стојанче ѝ се заканувал дека ќе ѝ го земе станот, ѝ барал 30 000 евра да му даде за да си оди, за што сестра ми побара да ѝ помогнам. Се согласив, ѝ реков дека мора да бидеме сигурни дека нема парите да ѝ се земат и ништо друго да не се случи“,
сведочи Стојановски.
Во однос на оставинската постапка по смртта на нивниот татко, тој посочи дека Ивана не се појавувала на закажаните термини кај нотар, а комуникацијата со неа станала невообичаена, поради што семејството се посомневало оти некој друг испраќа пораки во нејзино име.
