Тој кажа дека Иран е одговорен за високите цени на гасот и оти краткорочниот пораст на цените е во целост „резултат на терористичките напади на иранскиот режим врз комерцијални танкери за нафта и врз соседните земји кои немаат никаква врска со судирот“

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека Иран е уништен, дека тешкиот дел од војната е завршен и дека САД ќе го погодат Иран „многу силно“ во следните две до три недели.
„Ќе ги удриме многу силно во следните две до три недели. Ќе ги вратиме во камено време, каде што им е местото“,
рече Трамп во обраќање до нацијата.
Трамп рече дека промената на режимот во Иран не е цел на неговата администрација и рече оти се надева дека ќе постигне договор со иранскиот режим, но исто така издаде предупредување.
„Ако нема договор, ќе ги удриме многу силно сите нивни електрани. Ние ги имаме сите карти, а тие немаат никакви“,
рече тој.
Трамп рече дека земјите што увезуваат нафта преку Ормускиот Теснец треба да ја преземат одговорноста за безбедноста на стратешки важниот премин, нагласувајќи дека имаат капацитет да го сторат тоа.
„Земјите од светот што добиваат нафта преку Ормускиот Теснец мора да се грижат за тој премин. Тие мора да го заштитат. Мора да го земат под своја контрола и да го заштитат. Тие лесно можат да го сторат тоа“,
рече Трамп.
Американскиот претседател, исто така, изрази увереност дека теснецот ќе се отвори повторно без потреба од надворешна интервенција откако ќе заврши сегашниот конфликт во областа.
„Кога ќе заврши овој конфликт, Ормускиот Теснец природно ќе се отвори. Едноставно природно ќе се отвори“,
кажа тој.
Тој кажа дека Иран е одговорен за високите цени на гасот и оти краткорочниот пораст на цените е во целост „резултат на терористичките напади на иранскиот режим врз комерцијални танкери за нафта и врз соседните земји кои немаат никаква врска со судирот“.
Трамп им предложи на земјите кои не можат сами да купат доволно гориво, поради затворањето на Ормускиот Теснец, да го купат од САД велејќи дека кај нив има многу нафта.
Тој им се заблагодари на сојузниците на САД во регионот, вклучувајќи ги Израел и земјите од Заливот, велејќи дека САД нема да дозволат да бидат повредени.
„Тие беа одлични и ние нема да им дозволиме да пропаднат на никаков начин“,
рече тој.
Трамп истакна дека Иран нападнал многу од овие земји, нагласувајќи дека ова само потврдува дека Техеран никогаш не треба да поседува нуклеарно оружје.
Тој рече дека „клучните цели“ на САД во конфликтот се „блиску до постигнување“.
Според него, Иран не се откажал од својата нуклеарна програма и дека брзо развива ракети со поголем дострел и додаде дека Техеран бил „на самиот праг“ на развој на нуклеарно оружје.
