Вицепремиерот и министер за транспорт вели дека Владата го прифатила ова, како што го нарече, рано предупредување од страна на опозицијата и е на став дека во земјава нема да се гради никаков енергетски објект поврзан со контроверзниот црногорскиот бизнисмен
Ниту Миодраг Давидовиќ-Дака ниту која било негова компанија или компанија поврзана со него ќе гради во Македонија – изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма по обвинувањата на опозицискиот СДСМ дека фирма на контроверзниот црногорски бизнисмен се нашла во годишниот план на министерката за енергетика Сања Божиновска за изградба на енергетски објекти.

На прашањето како бизнисменот Давидовиќ, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД и беше критикуван во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција, се нашол во годишниот план на Божиновска, Николоски вели:
„Во оваа иницијална фаза не се проверува сопственоста на компаниите, тоа се прави на крај кога се дава овластувањето. Годишниот план е само иницијален план што ги утврдува стартните позиции. Има многубројни чекори што треба да се направат потоа, а на крај е усвојувањето што треба да го изврши Министерството за енергетика, кое го потврдува Владата. Дури тогаш кога доаѓа фазата на овластување се бара банкарска гаранција во вредност од најмалку 25 илјади евра по мегават со цел да се гарантира дека ќе се реализира инвестицијата и тогаш се проверуваат потеклото на капитал и сопственоста на компаниите.“
Министерот за транспорт рече дека Владата го прифатила ова, како што го нарече, рано предупредување од страна на опозицијата и е на став дека во земјава нема да се гради никаков енергетски објект поврзан со црногорскиот бизнисмен. Работа на опозицијата, вели Николоски, е да предупредува и да критикува.
„Стојам зад секој збор што сум го кажал во опозиција. Во 2020 година јас прв ја отворив аферата и одлуката за ‘Шик Јелак’ во Тетово. Сега, условно кажано, имавме рано предупредување од опозицијата и сме на став дека нема да дозволиме да се гради енергетски или каков било објект поврзан со него или со компании поврзани со него”,
рече Николоски.
Опозицискиот СДСМ денеска обвини дека фирмата „Хронос сум“ на Миодраг Давидовиќ-Дака од јануари годинава е ставена во годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година од страна на министерката за енергетика Сања Божиновска. Доделувањето бизнис на компанија чиј сопственик е на „црната листа“ на САД опозиционерите го нарекоа огромен скандал од кој партијата на власт не може да се испере.
