„Ја видов Ивана како стои со Катја на тераса, веднаш сфатив што ќе направи. Викнав ‘Ивана, немој да си направила глупост’, почнав да трчам накај влезот, кога само слушнав силен удар“, рече сведокот низ солзи во судницата
Мартин Саздов во своето сведочење од судскиот процес против Стојанче Јовановски денеска во скопскиот Кривичен суд опиша што, според него, се случувало дента пред Ивана и нејзината ќеркичка Катја да бидат пронајдени мртви по пад од балкон во населбата Карпош. Раскажа и како сведочел на моментот кога го видел телата на жената и на нејзината ќеркичка, мислејќи отпрвин дека девојчето е на балконот.

Како што наведе сведокот, неколку дена пред критичниот 2 март, Ивана во повеќе наврати му пишувала велејќи дека не може веќе да издржи и оти многу се плаши од сопругот Јовановски.
Таа, како што кажа Саздов, слична порака му испратила и вечерта на 1 март, која тој ја видел утрото следниот ден и отишол кај неа на работа. Тоа било околу 10:30 часот, а во разговорот ѝ предложил на Ивана да оди кај нејзината мајка.
Саздов ѝ рекол дека не може да остане да живее со Јовановски оти еден ден може да ја убие, но таа тврдела дека не може да го остави станот, оти со Катја ќе останат на улица.
Се разделиле, но по извесно време Ивана му се јавила и го известила дека нејзиниот сопруг дошол кај неа на работа и почнал да ја тепа.
Кога стигнал, почнал да го влече Јовановски и барал од него да престане да ја тепа својата сопруга. Од друга страна, според неговото сведочење, обвинетиот тврдел оти Ивана му кажала дека Саздов го наместил, додека сега починатата се бранела, велејќи дека не е точно.
Откако успеал да ги раздели, сведокот раскажа дека двајцата седнале во неговиот автомобил, Ивана на задното, а Јовановски на совозачкото седиште и тргнале кон Кривичниот суд, каде сега обвинетиот требало да се пријави.
Во еден момент, додека се движеле со возилото, Јовановски повторно почнал да ја навредува својата сопруга, а потоа се свртел и почнал да ја удира. Од ударите жената се онесвестила, а Саздов, како што рече, го запрел автомобилот за да го спречи својот поранешен другар да продолжи да ја тепа Ивана.
„Остави ја к**вата, ништо не ѝ е, сега ќе ѝ го земам телефонот од раце, ќе видиш како ќе стане. Види ја ку***та како глуми“,
рекол Јовановски, според Саздов, откако жената се освестила.
Откако Јовановски се пријавил во судот и излегол, ја забележал Ивана како разговара со некого на мобилен телефон и инсистирал да му каже кој е од другата страна на линијата.
„Таа разговараше со мајка ми, со мајка ми. Стојанче инсистираше да види“,
сведочеше Саздов.
Но, Јовановски мислел дека жената повторно го пријавува во полиција, по што повторно почнал да ја тепа, овојпат со двете раце одеднаш, рече Саздов.
Поради тоа Ивана повторно го пријавила во полиција на бројот 192, на што сега обвинетиот почнал да се смее велејќи:
„К**во една, ништо не можеш да ми направиш, ќе видиш со кого си фатила работа“.
Полицајците што дошле првин ја тргнале Ивана настрана за да разговараат со неа, а потоа разговарале и со Јовановски. Потоа им ги вратиле личните карти на двајцата и им рекле „решете си го проблемот“, наведе Саздов.
Потоа со Јовановски се качиле во возилото, и тој побарал да го однесе дома. Ивана одела кон судот. Потоа полицајците застанале до нивното возило и им кажале дека повторно има пријава за закани. Ивана повторно се вратила.
„Ѝ реков ‘Ивана, кажи им на полицајците кој ти се заканува’. Таа молчеше. Тие почнаа да викаат дека ако уште еднаш пријави, ќе ѝ пишат казна за лажно пријавување“,
појасни Саздов.
Потоа заминале со возилото и ја зеле Катја од училиште, по што четворицата се упатиле кон станот на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“.
Саздов сведочеше дека додека се движеле кон станот, Јовановски цело време ја навредувал Ивана пред нивната ќерка.
„Стојанче ја навредуваше пред Катја, се закануваше. Велеше – к**во една, ќе видиш што ќе ти направам, ќе видиш со кој си фатила работа, да се губиш од станот“,
наведе сведокот.

Тој потврди дека Јовановски се заканувал бидејќи сметал дека бил наместен за дрога што во декември полицијата ја пронашла кај него. Се заканувал и дека ќе ѝ ја земе Катја на Ивана.
Кога стигнале пред зградата, Ивана и Катја се качиле да си земат работи од станот, а Стојанче не сакал да одат сами, велејќи: „Нема да ја оставам к**вата сама, ќе се качиме сите заедно во станот“.
Мартин не сакал да се качи во станот, а му било и страв да не ја тепа пак, па, сите се качиле.
„Ивана во рацете ја држеше Катја и заедно влегоа во станот. Стојанче по нив. Тој рече – ‘земи к**во сè што ти треба и губи се оттука’“,
сведочеше Саздов.
Ивана побарала пет минути. Мартин и Стојанче чекале пред врата. Не се слушале гласови. Потоа рекла дека не сака да си оди од станот, а Мартин му рекол на Јовановски да се симнат долу, за тие две да се одморат.
„Стојанче рече ‘пак ми правиш ку****ски работи, ќе ја сменам бравата’“,
додаде Саздов.
Рекол дека ќе ги земе Катја и станот, а Ивана се насмеала и му рекла да прави што сака.
„К*р ќе ти го вратам дарот“,
викал Јовановски.
Ивана ја затворила вратата зад себе и ја заклучила. Мартин мислел дека таа ќе се премисли и ќе се симне, па со Стојанче стоеле пред заградата, каде тој велел „оваа ми прави ку****ски работи“.
„Таа к**ва не се убива, не умира“, рекол Стојанче кога Мартин прашал да не си направи нешто Ивана. Потоа Ивана му се јавила на Јовановски, а кога Саздов прашал за што разговарале, неговиот поранешен другар му рекол дека не разбрал. Ивана пак му ѕвонела, но сопругот не ѝ кревал. Потоа му се јавила на Мартин.
„’Стојанче не ми крева, можеш ли да му кажеш да ми крене на камера?’, ми рече“,
кажа тој.
Потоа Јовановски го отворил телефонот, но повикот се прекинал. Таа веднаш потоа му заѕвонила со камера, а Саздов успеал да погледне во телефонот.
„Ја видов Ивана како стои со Катја на тераса, веднаш сфатив што ќе направи. Викнав ‘Ивана, немој да си направила глупост’, почнав да трчам накај влезот, кога само слушнав силен удар“,
рече, плачејќи, Саздов во судницата.
Тој опиша како ја видел Ивана целата во крв, мислејќи отпрвин дека Катја е горе. Потоа ја видел и Катја до Ивана. Почнал да вика „ве молам, викнете Брза помош“. Рече дека Јовановски не отишол да ги види.
„Не, немав храброст“,
рече Јовановски во судницата.
