Лидерот на СДСМ вели дека има подготвено писмо со кое ќе ги извести сите евроамбасадори во земјава, високите функционери на ЕУ, Европската комисија, Советот и на НАТО во врска со, како што рече, „системското демонтирање на евроатлантската иднина на Македонија благодарение на најавите и изјавите на Мицкоски“

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг ги критикуваше Владата и премиерот Христијан Мицкоски обвинувајќи ги за предавство на националните интереси.
Филипче обвини дека премиерот го блокира европскиот пат на земјата и ја држи во изолација.
„Премиерот потврди дека не сака земјата да влезе во Европската Унија и дека ќе ја држи во изолација, далеку од Европа. Тоа значи дека нема да има реформи, нема да има европска контрола и, според него, тоа може да трае со децении. Тој сака да ги држи како заложници идните генерации, децата, сите граѓани – за да прават грабеж на народните пари преку тендери“,
рече Филипче на денешната средба со новинарите.
Според него, македонскиот национален интерес е членството во НАТО и во ЕУ.
„Во НАТО успеавме да ја обезбедиме безбедноста на земјата на границите. Премиерот повторно зборува дека некако националниот интерес бил загрозен. Како? Тоа што станавме земја членка на НАТО е загрозување на националниот интерес? Што е тоа што е распродадено според него? Македонскиот јазик и идентитет се потврдени, признаени и заштитени. Јазикот е признат од сите земји членки на ЕУ“,
рече Филипче.
Филипче смета дека внесувањето малцинства во Уставот не подразбира само внесување на Бугарите, туку и други малцинства.
„Со тој чекор, што не претставува никаков ризик за нашиот национален идентитет, ние ги остваруваме националните интереси, долгорочно членство во ЕУ. Ако сега не се направи чекоротм ризикуваме да го изгубиме моментот на проширување“,
додаде Филипче.
Според него, доколку ја пропуштиме оваа шанса, не се знае дали утре или догодина условите ќе бидат еднакви како и сега и дали воопшто ќе имаме можност да направиме чекор кон ЕУ.
Лидерот на СДСМ вели дека има подготвено писмо со кое ќе ги извести сите евроамбасадори во земјава, високите функционери на ЕУ, Европската комисија, Советот и НАТО во врска со, како што рече, „системското демонтирање на евроатлантската иднина на Македонија благодарение на најавите и изјавите на Мицкоски“.
„Ова е намерен обид да се онеспособи остварување на стратешката цел за интеграција“,
рече тој.
Филипче потсети и на посетата на владината делегација на Унгарија и на премиерот Виктор Орбан, за кого вели дека Европската Унија јавно го означува како руски играч.
„Цела Европа кажува дека практиките на премиерот Орбан се узурпација на јавниот простор, преземање медиуми, нема никакво објаснување дека нашата влада не го прави тоа и тука“,
рече Филипче.
Тој најави дека силно ќе се спротивстават на намерите на премиерот со обединување на фронтот за евроинтеграција затоа што, како што нагласи, „не смееме да дозволиме да ја пропуштиме оваа историска шанса“.
„Иднината на земјата е ставена под знак прашање со оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ“,
додаде тој.
Претходно денеска, премиерот Христијан Мицкоски упати критики до опозицискиот СДСМ, обвинувајќи ги дека се мекотелни политичари кои директно го загрозуваат македонскиот национален идентитет во процесот на евроинтеграциите.
Мицкоски оцени дека досегашниот начин на кој опозицијата пристапувала кон преговорите со ЕУ бил исклучиво преку отстапки кои му штетат на народот.
