Во врска со Ормускиот Теснец, Трамп кажа дека водениот премин не е негов проблем и дека која било друга земја што сака нафта или гас, ќе мора самата да го реши проблемот со блокадата. Притоа тој директно ја спомена Франција
Цената на нафтата денеска падна на помалку од 100 долари по барел, откако американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) би можеле да ја завршат својата воена операција против Иран во рок од две до три недели, додавајќи дека Ормускиот Теснец, кој е блокиран од Исламската Република, веќе не е негов проблем, пренесува Би-би-си.

Според новинските извештаи, станува збор за досега најјасна изјава на Трамп дека има намера наскоро да ја заврши војната која трае еден месец и која предизвика хаос на Блискиот Исток и ги наруши глобалните пазари на енергенси.
Како што пренесе и Си-ен-би-си, Трамп денеска ќе има обраќање до нацијата по повод конфликтот на Блискиот Исток.
Инаку, суровата нафта „брент“ сега се тргува по цена од 99,32 долари. Европските индекси, пак, бележат силен раст.
Според податоците од берзата, цената на суровата нафта падна за 4,23 проценти на 97,089 долари за барел во 9:30 часот наутро, а цената на нафтата од типот „брент“ падна за 4,1 процент на 99,704 долари.
Индексот DAX на франкфуртската берза порасна за 3,02 проценти на 23.315,72 поени, францускиот CAC 40 за 2,32 проценти на 7.998,52 поени, британскиот FTSE 100 за 1,76 проценти на 10.353,26 поени, а московскиот MOEX за 0,21 процент на 2.782,03 поени.
Европските фјучерси за гас за мај се продадени на отворањето на берзата TTF во Амстердам по цена од 49,765 евра за мегават-час.
Цените на нафтата беа исклучително нестабилни во текот на изминатите недели за време на конфликтот меѓу САД и Израел со Иран.
