Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар бара партиите во своите програми да вклучат прецизни мерки за подобрување на стандардот на здравствените работници и зголемување на платите.
Бараат двојно зголемување на платите на здравствените работници и соработници во текот на четиригодишниот мандат, бесплатен паркинг кај Клиничкиот центар, бенефициран работен стаж за здравствените работници и соработници и поголем годишен одмор.
Од Синдикатот посочуваат дека во принцип се задоволни од остварените зголемувања на платите на вработените во Универзитетскиот клинички центар и во другите јавни здравствени установи, но, како што наведуваат, тоа е далеку од ветените 100 000 денари плата за доктор специјалист и двојното зголемување на платите на медицинските сестри.
„Неоствареното на ветеното, министерот за здравство јавно го прикриваше со прикажување на податоци на бруто-плата, ‘просечна бруто-плата’ (непознат термин ниту во законските одредби, ниту во колективните договори кога се зборува за плата), а особено со прикажување на бруто-плати на исклучително мал број доктори, кои оствариле огромен број месечни дежурства од кои некои и актуелни директори на клиники, но и доктори кои прекувремено работеле во други јавни здравствени установи во државата, поради недостиг на специјалисти во тие установи. За појаснување, дежурството не е дел од основната плата и полното работно време содржани во договорот за вработување, туку е додаток на плата и е прекувремена работа. Сигурни сме дека за здравствените работници има и други, многу полесни и помалку одговорни начини за дополнителен приход од дежурство“,
потенцираат од Синдикатот.
Според Синдикатот, не се остварил ниту ветениот бесплатен паркинг или најмногу до 200 денари за вработените во Клинички центар, ниту се реализира концептот за функционално единствен Универзитетски Клинички центар.
Од Синдикатот ги повикаа политичките партии во своите предизборни програми да направат прецизен план за покачување на платите.
„Во оваа пригода на партиите јасно им укажуваме дека нашите членови нема да ги придобиете со општи и нејасни ветувања, како што се инвестирање во капацитетите на јавното здравство, вложување во нивната едукација, без притоа конкретно да се произнесете за она што нив најмногу ги засега, а тоа е јасно дефинирање на планираното покачување на нивните плати. Пандемијата покажа колку е важно да ги сочуваме здравствените работници во јавното здравство, особено во моменти кога постои голем одлив на доктори и медицински сестри од државата“,
стои во соопштението од Извршниот одбор на Синдикатот на Клиничкиот центар
