Министерката Шекеринска оцени дека вонредната состојба, која првпат беше прогласена на 18 март, беше долга и исцрпувачка, при што Армијата даде значителен придонес во справувањето со епидемијата
Со нови униформи, македонските војници „излегоа“ од вонредната состојба во земјава, која заврши на полноќ.
На денешната промоција на новите униформи во скопската касарна „Илинден“, министерката за одбрана Радмила Шекеринска оцени дека вонредната состојба, која првпат беше прогласена на 18 март, беше долга и исцрпувачка, при што Армијата даде значителен придонес во справувањето со епидемијата на ковид-19.

Армијата, како што рече Шекеринска, заедно со здравствените работници и со полицијата одигра една од клучните улоги во овој тримесечен период.
„Бевте секаде каде што ја бараа вашата поддршка. Како никогаш досега Армијата беше блиска и сплотена со својот народ. Затоа не ме изненадија истражувањата на јавно мислење кои покажаа дека Армијата е меѓу институциите во кои граѓаните имаат највисока доверба, а од државните институции на самиот врв“,
рече Шекеринска.
Таа им посака на припадниците на Армијата да ги носат новите униформи со чест и достоинство и како силно и секојдневно потсетување дека посветената работа секогаш носи резултат. Здравствената криза, како што нагласи, не ги намали инвестициите во одбраната.
„Моите заложби секојдневно, и покрај вонредната состојба, беа да се реализира една од покрупните набавки што ги преземавме заедно со оклопните возила, а тоа беше набавка на нови униформи и тие се веќе наша реалност, токму како што доликува на припадници на Армија членка на НАТО. Заедно ја испишавме влезницата за НАТО, заедно го вративме достоинството во оваа професија“,
изјави Шекеринска.
Потсети дека воено-медицинскиот персонал е сѐ уште на терен и им посака силен дух, успех и пред сѐ здравје.
Платата и приходите денеска во Армијата, истакна Шекеринска, се зголемени помеѓу 50 и 60 проценти. Зборуваме за нова опрема, веќе долго време, рече Шекеринска, ги користите новите чизми, дневници се исплаќаат на сите и се втор пат зголемени, а колегите инженери во оваа касарна по 16 години добија нови машини, кои видовме како им помагаат на граѓаните и како го модернизираат полигонот „Криволак“. Два објекти во оваа касарна се реновираат, нагласи таа.
Додаде дека МО денес е на самиот врв по транспарентност и согласно тоа по интегритет.
