Зголемениот број случаи на инфицирани лица во Северна Македонија и во многу други земји е огромно предупредување. Неопходно е и понатаму да бидеме претпазливи и да прифатиме дека и во претстојните месеци постои голема закана од ковид-19 по нашите животи и општества, вели постојаниот координатор на ОН во државава, Росана Дуџак, во писмената изјава.
Таа посочува дека олеснувањето на некои мерки не значи дека не треба да се штитиме, туку дека мораме да го приспособиме начинот на кој живееме и работиме – со претпазливост, одлучност и одговорност, и покажување солидарност кон другите, да се следат насоките кои овозможуваат да се минимизираат ризиците и проактивно да се одговори на кризата, за да не се стави дополнителен товар на веќе и така оптоварениот јавно-здравствен систем.
Потенцира дека за да може целосно да се разбере сложеноста и сериозноста на влијанијата од ковид-19 ќе бидат потребни години и години за истражувања и анализи, а разбирањето и справувањето со влијанијата не се сведува само на броење на оние кои се инфицирани или ги изгубиле животите.
