Според Мицкоски, не се бележи намалување во користењето на гориво, а потрошувачката во пограничните делови од државата е зголемена, односно, како што посочи, конзумот сега е поголем – околу 200 илјади литри дневно

Премиерот Христијан Мицкоски очекува од понеделник цената на бензините да се намали за два денари, додека кај дизелот е можно минимално зголемување од половина денар или задржување на истата цена.
Говорејќи на настанот „Youth Vision 2030“ во Скопје, Мицкоски истакна дека мерката за намалување на ДДВ за горивата веќе ги дава очекуваните резултати и директно влијае врз заштитата на стандардот на граѓаните.
Владата будно ја следи состојбата на светските берзи и веќе следната недела ќе одлучи дали актуелната мерка ќе биде продолжена за уште две недели или ќе се интервенира преку нов механизам со акцизите.
Според Мицкоски, не се бележи намалување во користењето на гориво, а потрошувачката во пограничните делови од државата е зголемена, односно, како што посочи, конзумот сега е поголем – околу 200 илјади литри дневно.
„Сега засега состојбата е стабилна и нема потреба од рестрикции. Намалувањето на ДДВ ја намали цената на горивата“,
изјави Мицкоски.
Во однос на обвинувањата од СДСМ за падот на индустриското производство, премиерот појасни дека станува збор за мал пад предизвикан oд блокадите на транспортерите.
Мицкоски упати критика до опозицијата, нагласувајќи дека тие одамна го изгубиле кредибилитетот со најавите за банкрот на државата.
„Зборуваа дека 2025 година ќе банкротираме и дека државата е пред колапс, а ние сме меѓу првите пет според растот на економијата во Европа. Точно е дека имаме мал пад на индустриското производство поради протестот на камионџиите, но тоа сè ќе се надополни во месеците што следат, така што се чудам зошто не го коментираа растот во туризмот, градежништвото. Секаде имаме раст, само тука мал пад“,
рече Мицкоски.
Мицкоски вчера рече дека доколку продолжи растот на цената на нафтата на светските берзи по завршувањето на двонеделната владина мерка, се планира намалување на акцизите на горивата и маржата, односно цената на складирање и транспортните трошоци.
