Полицијата досега регистрирала 20 327 прекршоци за неносење лична заштита опрема за спречување на ширењето на ковид-19. Од нив 618 прекршоци биле констатирани во изминатото деноноќие, информира министерот Наќе Чулев на својот профил на Фејсбук.
„Полициските службеници се во првите редови во справување со пандемијата на ковид-19 и тие во континуитет преземаат мерки за контрола на почитување на одлуките на владата“,
напиша Чулев.
Додава дека на територијата на целата држава на вкупно 651 лице им се издадени решенија за изолација, а 346 лица потпишале изјави за самоизолација. Извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација, при што се евидентирани 3 лица кои не ги почитувале овие мерки. Во државен карантин се спроведени вкупно 170 лица.
Во координација со Државниот пазарен инспекторат во текот на изминатото деноноќие извршени биле и 187 контроли во објекти, при што не биле евидентирани објекти кои не ги почитувале одлуките на владата.
„Во оваа пригода уште еднаш апелирам до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и сите заеднички да придонесеме што побрзо животот да биде вратен во нормала“,
напиша Чулев.
