Таравари смета дека премиерот Мицкоски свесно го ослабува албанското политичко влијание во државата и додаде дека денеска ВЛЕН има послабо влијание отколку на почетокот и е само декор во Владата, колку да се каже дека има албански претставници во власта

Лидерот на едно од крилата на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, упати обвинувања кон коалицијата ВЛЕН оценувајќи го нејзиното учество во извршната власт како целосно маргинализирано.
Во синоќешното телевизиско гостување во емисијата „Вин-вин“ на телевизија Телма, Таравари рече дека првичната цел на ВЛЕН за испраќање на ДУИ во опозиција била исполнета со освоени 107 000 гласа, но дека ветената промена и меритократијата изостанале.
„Им ветивме на Албанците дека ние сме промената, дека нема да биде како со ДУИ, туку дека ќе има меритократија, подобри институции, Албанците ќе имаат удел во тоа што државата ги започна преговорите со Европската Унија“,
рече Таравари.
Според него, по десет месеци владеење, позицијата на Албанците во Владата е сведена на обичен декор.
„Констатиравме дека ние сме само кловнови во Владата или кукли кои се тотално маргинализирани. Повеќето директори на ВЛЕН беа зависни од заменик-директорите“,
изјави Таравари додавајќи дека десинхронизацијата внатре во самата коалиција е главната причина за излегување од власта.
Тој е согласен дека за позициите се барале партиски кадри од секоја од партиите во ВЛЕН, а секоја сакала да именува од своите редови и смета дека тоа е една од поголемите грешки.
„Така е кога вие ад хок правите коалиција со една цел да донесеме промени и немаш договор како ќе се функционира ден после тоа“,
рече тој.
Таравари смета дека премиерот Мицкоски свесно го ослабува албанското политичко влијание во државата и додаде дека денеска ВЛЕН има послабо влијание отколку на почетокот и е само декор во Владата, колку да се каже дека има албански претставници во власта.
Тој смета дека Мицкоски успеал да покаже дека може да владее со група мали партии кои ниту треба нешто да прават ниту знаат.
Според него, ова не е добро ниту за општеството, ниту за Мицкоски, ниту за Владата и прави фрустрации кај поголем дел од граѓаните, особено Албанците. Тој рече дека сите Албанци што се вработени во институциите се чувствуваат целосно маргинализирани, не ги „фермаат“, а ги изгубиле и раководните функции.
Таравари потсети дека договорот на ВЛЕН со ВМРО-ДПМНЕ предвидувал уставни измени и евроинтеграции за шест месеци, економски развој и борба со корупцијата – точки од кои, според него, досега ништо не е реализирано.
Таравари истакна дека неговиот карактер не му дозволува да биде дел од систем кој не функционира во интерес на граѓаните.
„Јас карактерно не можам да бидам кукла во една влада. Да бидеш дел од систем којшто е нефункционален е идиотизам“,
додаде тој.
Крилото на Алијанса за Албанците на Таравари беше дел од владината коалиција до мај минатата година, кога на вонредно собрание на партијата била донесена одлука за напуштање на Владата. Таравари тогаш најави дека на локалните избори во октомври ќе соработува и со ДУИ и со ВЛЕН.
