Надлежните институции испитуваат што ги предизвикало стомачните тегоби на кои вчера се пожалија работници во комбинатот
Битолското Основно јавно обвинителство ги координира дејствијата за целосно испитување на сомненијата за труење со храна во РЕК „Битола“, поради што лекарска помош од вчера до денеска претпладне побарале стотина лица.

Дека ОЈО Битола е известено за случајот информираа од Јавното обвинителството на Република Северна Македонија, откако претходно беше соопштено дека Државниот санитарен и задравствен инспекторат (ДСЗИ) привремено ја затворил кујната во Рударско-енергетскиот комбинат (РЕК) „Битола“.
„Во однос на сомненијата за труење со храна во РЕК ‘Битола’, Основното јавно обвинителство Битола е известено и ги координира дејствијата за целосно испитување на настанот“,
велат од Јавното обвинителството.
Надлежните испитуваат што ги предизвикало стомачните тегоби на кои вчера се пожалија работници во комбинатот. Тие тегобите ги пријавиле откако јаделе лазањи со сос во мензата на комбинатот.
Според информациите на надлежните, на инфективното одделение во Клиничката болница во Битола вчера до 15 часот на преглед се јавиле 81 работник, а ноќеска и денеска претпладне лекарска помош побарале уште 30 лица.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Центарот за јавно здравје – Битола и Институтот за јавно здравје – Скопје по пријавата на случајот вчера извршиле вонреден инспекциски надзор во кујната на РЕК „Битола“, од каде што зеле мостри од храна и брисеви од работни површини, како и од вработени во кујната.
Како што соопштија од АХВ, кујната на операторот со храна што го опслужува комбинатот е времено затворена, односно дадена е забрана за вршење дејност подготовка и послужување храна сè до завршување на инспекциската постапка и добивањето уредни наоди од лабораториските испитувања на земените мостри и брисеви.
„Наредено е вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и спроведување вонредни санитарни прегледи за сите вработени лица“,
велат од АХВ.
Со кујната во РЕК ‘Битола’, како што пренесе МИА, управува хотелот „Молика“, од каде што велат дека станува збор за изолиран случај бидејќи секојдневно од кујната на хотелот за работниците во комбинатот се испорачуваат околу 1 600 порции храна, а здравствен проблем е регистриран само кај одредена група работници.
