На негово барање, како што додаде, внатрешна контрола на МВР отвори истрага, а во процесот е вклучен и ФЗО во рамки на проверките што треба да се извршат кај докторите. Според него, ФЗО констатира пропусти кај лекарите, и тоа, како што рече, не кај еден, туку кај повеќемина
Фрапантен е процентот на боледувања во рамки на Министерството за внатрешни работи (МВР), рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски откако вчера директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, соопшти дека по спроведена контрола е констатирано дека едно од пет боледувања во оваа институција се неуредни или неправилни.

„Тој процент на боледувања се движи некаде околу 10 отсто во континуитет. Замислете во приватна компанија со 100 вработени, најмалку 10 вработени секој месец да се на боледување. Тоа ми беше како трн во око“,
рече тој.
Затоа, на негово барање, како што додаде, внатрешна контрола на МВР отвори истрага, а во процесот е вклучен и ФЗО во рамки на проверките што треба да се извршат кај докторите.
„Вие имате право да побарате боледување, но одговорноста за издаденото боледување не е кај полицискиот службеник, туку кај докторите што го издале истото ако немало основа за тоа“,
вели Тошковски.
Според него, ФЗО констатира пропусти кај лекарите, и тоа, како што рече, не кај еден, туку кај повеќемина.
„По случаен избор се избрани одреден број случаи, каде, според ФЗО, секој четврти или петти од контролираните има индиции дека го злоупотребувал боледувањето. Тоа е катастрофа како процент“,
кажа министерот.
Истрагата, како што рече, се уште е во тек и очекува целосно да биде завршена во следниот период.
Како што вчера соопшти Клековски, со контролата биле опфатени 80 осигурени лица со 514 боледувања. Најголем дел од боледувањата – 258 биле до седум дена, а 171 до 15 дена. По 30 или повеќе денови имало 83 боледувања.
Она што било утврдено, како што кажа Клековски, е дека кај 29 од нив има неправилности во издадените боледувања, што е околу 37 отсто, односно дека околу 100 боледувања од вкупно 514 се неуредни или неправилни. Тоа е, рече Клековски, речиси секое петто боледување.
Еден од показателите дека има проблем било тоа што 10 од овие 29 лица менувале матични лекари за време на боледување.
Најголем број злоупотреби, рече Клековски, се правеле во испрекинатите боледувања, односно тие што траеле седум дена и тие лица менувале матични лекари.
