„Особено нè загрижува фактот што ваквиот непримерен однос не е изолиран инцидент, туку повторување на веќе забележано однесување кон истата носителка на јавна функција. Ова отвора сериозни прашања за почитувањето на основните професионални стандарди, етички норми и принципи на комуникација во јавниот простор“, велат од Владата
Слободата на изразување не смее да биде изговор за нарушување на личниот и институционалниот интегритет – реагираат од Владата во врска со вчерашниот настан во Тетово кога министерката за образование и наука Весна Јаневска со несоодветен тон беше прашана од новинар дали овојпат со себе носи преведувач на албански јазик.

Од Владата изразија сериозна загриженост, оценувајќи дека настанот отворил сериозни дилеми на основните принципи на професионалното и етичко однесување во медиумскиот простор.
„Изразуваме остра реакција за настанот каде што новинарот Невриј Адеми, со очигледно несоодветен тон, непримерна реторика и недолично формулирано прашање се обрати кон министерката за образование и наука. Особено нè загрижува фактот што ваквиот непримерен однос не е изолиран инцидент, туку повторување на веќе забележано однесување кон истата носителка на јавна функција. Ова отвора сериозни прашања за почитувањето на основните професионални стандарди, етички норми и принципи на комуникација во јавниот простор“,
велат од Владата.
Оттаму додаваат дека како што од носителите на јавните функции очекуваат највисоко ниво на почит кон медиумите, истото очекување го имаат и од новинарите, посочувајќи дека почитта мора да е обострана. Во оваа смисла порачаа дека ситуациите во кои јавната комуникација се одвива надвор од рамките на пристојноста и меѓусебната почит не смеат да останат без соодветна институционална реакција.
„Апелираме до Советот за етика во медиумите, Здружението на новинарите и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници јавно и недвосмислено да го осудат ваквиот чин на однесување. Очекуваме нивна активна улога во зајакнување на професионалните стандарди, како и упатување јасен повик до сите медиумски работници за доследно почитување на етичките принципи, достоинството на личноста и културата на јавен дијалог“,
се додава во владиното соопштение.
По вчерашната посета на реновираното училиште „Моша Пијаде“ во Тетово, министерката за образование и наука Весна Јаневска доби прашање од новинар дали овојпат со себе земала преведувач.
„Си зема преведувач, министерке? Ви кажавме кога ќе доаѓаш во Тетово да земеш преведувач“,
рече новинарот, на што Јаневска возврати:
„Не. Не ми треба. Јас не знам на кого му треба преведувач за во Македонија да знае македонски јазик.“
