Тој посочи дека бројките се значајно повисоки од вообичаеното и дека јавноста треба да биде свесна дека дел од растот се должи на зголемена доверба во институциите и охрабреност на жртвите

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека во последните недели е забележан значителен пораст на пријави за семејно насилство, а институциите интензивно работат на системски промени и подобрување на реакцијата кон жртвите.
Тој посочи дека бројките се значајно повисоки од вообичаеното и дека јавноста треба да биде свесна дека дел од растот се должи на зголемена доверба во институциите и охрабреност на жртвите.
„Ако претходно сме имале еден до два случаи неделно, сега имаме по неколку случаи дневно. Само викендов имавме повеќе од 10 пријави за семејно насилство. Тоа говори дека жртвите се охрабрени да го пријават насилството. Тоа говори дека на еден начин имаме побудни институции не само во делот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и секторите за внатрешни работи при МВР, туку и во рамки на останатите институции“,
рече Тошковски по настанот со кој беше означен почетокот на кампањата на ОБСЕ за подигнување на јавната свест за ризиците од злоупотреба на мало и лесно оружје.
Според Тошковски, се движиме во правец во кој треба земјата да се движи и изрази жалење за она што се случувало во минатото.
„Ваков тип на криминалитет за жал постоел, постои и ќе постои и во иднина. Целта на институциите е максимално соодветно да одговорат на сите предизвици. Таму каде што институциите извршиле пропуст треба да се изврши ревизија на чекорите што биле преземени, да се утврди конкретна одговорност со име и презиме на оние што потфрлиле во рамки на постапувањето од една страна, а од друга страна да се увидат системски подобрувања што ќе треба да ги направиме во иднина“,
додаде Тошковски.
Министерот вели дека ваквите бројки бараат итно дејствување од сите надлежни институции, особено во делот на зајакнување на системите за заштита и одговорност на оние кои не постапиле соодветно.
Тошковски најави дека се подготвуваат и итни измени во законската рамка која се однесува на семејното насилство, а процесот ќе се одвива во две фази – брзи законски интервенции и потоа целосна ревизија на законската легислатива која се однесува на семејно насилство.
„Тоа е еден процес за кој ќе треба малку повеќе време. Ќе треба експертите од областа суштински да навлеземе не само во законската легислатива, туку и во имплементирањето на веќе добрите законски решенија, бидејќи имаме и добри законски решенија коишто лошо се имплементираат. Секако дека на сето ова ќе треба да следи и одредено зајакнување на финансирањето од страна на државата на дел од процесите. Дополнително зајакнување на финансиски капацитети на одредени институции за да може соодветно да се одговори“,
рече министерот.
