Мерката за ослободување од плаќање аконтации по основ на данок на добивка и данок на личен доход за самостојни вршители на дејност продолжува и во јуни и јули, одлучи Владата на вчерашната седница.
Се работи за една од првиот сет економски мерки со која погодените компании и вршителите на дејност имаа можност да поднесат барање за ослободување од плаќање аконтации.
Најмногу од компаниите кои ја користат мерката се од дејностите: транспорт, дејности за подготовка и служење на храна, туристички агенции, тур-оператори и останати резервациски услуги, како и дејностите поврзани со нив и објекти за сместување и тоа најголем број микро и мали претпријатија.
Според министерката за финансии Нина Ангеловска над 1 500 компании и вршители на дејност ја користат мерката, чија цел е поддршка на ликвидноста на погодените компании за полесно справување и закрепнување во периодот што следува.
