Во извештајот на „Вашингтон пост“, во кој весникот се повикува на изјави на европски функционер, се наведува дека шефот на унгарската дипломатија редовно му споделувал доверливи информации од состаноците на Советот на ЕУ на својот руски колега Сергеј Лавров. Според наводите, Сијарто му се јавувал на Лавров за време на паузите од состаноците на ЕУ за да го информира што е дискутирано меѓу европските лидери
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, ги отфрли наводите објавени во „Вашингтон пост“, дека со години ја информирал Москва за доверливи информации дискутирани на состаноците на Европската Унија.

Сијарто ги оцени ваквите наводи како лажни и вели дека тие имале намера да ја зајакнат унгарската опозициска партија Тиса на Петер Маѓар пред претстојните парламентарните избори во Унгарија.
„Лажни вести како и секогаш“,
напиша Сијарто во објава на Икс.
Fake news as always. You are telling lies in order to support Tisza Party to have a pro-war puppet government in Hungary. You will not have it! https://t.co/pNb1dLUSmM
— Péter Szijjártó (@FM_Szijjarto) March 22, 2026
Во извештајот на „Вашингтон пост“, во кој весникот се повикува на изјави на европски функционер, се наведува дека шефот на унгарската дипломатија редовно му споделувал доверливи информации од состаноците на Советот на Европската Унија на својот руски колега Сергеј Лавров. Според наводите, Сијарто му се јавувал на Лавров за време на паузите од состаноците на ЕУ за да го информира што е дискутирано меѓу европските лидери.
Во меѓувреме, унгарскиот премиер Виктор Орбан нареди истрага за, како што рече, прислушување на неговиот министер за надворешни работи Петер Сијарто. Рече дека прислушувањето на член на владата е тежок напад врз Унгарија и додаде оти го задолжил министерот за правда да го истражи случајот.
„Постојат докази дека унгарскиот министер за надворешни работи бил прислушуван, а имаме и индикации кој може да стои зад тоа. Ова мора веднаш да се истражи“,
порача Орбан.
