Од Управата за јавни приходи најавија и засилени контроли во текот на следниот период и додаваат дека за сите евентуални неправилности ќе бидат преземени соодветни мерки
Управата за јавни приходи (УЈП) ги повика трговците на мало со моторни горива навремено да извршат усогласување на фискалните системи, ценовниците и фактурирањето согласно последната владина одлука со која ДДВ за горивата се намали од 18 на 10 отсто. Целта, како што велат од УЈП, е правилна пресметка, евидентирање и прикажување на повластената стапка на ДДВ од 10 проценти.

„Согласно одлуката на Владата, во периодот од 24 март (00:01 часот) до 6 април (24:00 часот) 2026 година ќе се применува повластена даночна стапка на прометот на горивата од 10 отсто. Сите засегнати субјекти да постапуваат согласно прописите и да придонесат кон транспарентно и законито работење во интерес на граѓаните и економијата“,
велат од УЈП додавајќи дека примената на оваа мерка мора да биде доследна и согласно законските одредби.
Од Управата за јавни приходи најавија засилени контроли во текот на следниот период и додаваат дека за сите евентуални неправилности ќе бидат преземени соодветни законски мерки.
Владата вчера донесе вонредна одлука за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата од 18 на 10 отсто. Одлуката ќе стапи во сила денеска на полноќ, односно на 23 кон 24 март и ќе трае во наредните две недели.
