Првата излезна анкета објавена на словенечкиот јавен сервис покажува дека Движењето за слобода на премиерот Роберт Голоб победи со 29,9 проценти од гласовите, додека СДС на Јанез Јанша освоила 2,4 проценти помалку

Владејачката партија Движење за слобода освои најмногу гласови на парламентарните избори во Словенија, покажуваат првичните резултати.
Сите 3 000 гласачки места беа затворени во 19:00 часот, а излезеноста до 16:00 часот беше 50,37 проценти, околу еден процент повеќе од истиот период за време на последните парламентарни избори во 2022 година.
Првата излезна анкета објавена на словенечкиот јавен сервис покажува дека Движењето за слобода на премиерот Роберт Голоб победи со 29,9 проценти од гласовите, додека десничарската Словенечка демократска партија (СДС) на Јанез Јанша освоила 2,4 проценти помалку.
Третата најсилна партија е десничарската Нова Словенија со 9,4 проценти, Социјалдемократите освоија 6,7 проценти, а Левица и партијата Весна – 6,3 проценти поддршка.
Со оглед дека се работи за прва излезна анкета, можни се отстапувања во официјалните резултати.
Анкетата е спроведена од институтот „Медијан“ на над 14 000 гласачи.
Првите официјални резултати од Државната изборна комисија се очекуваат околу 20:30 часот.
На денешните избори право на глас имаа околу 1,7 милиони државјани на Словенија.
