Барањето на американската војска за дополнителни 200 милијарди долари за војната со Иран наиде на силен отпор во Конгресот, при што демократите, а и некои републиканци, ја доведуваат во прашање неопходноста по значителните трошоци за одбрана минатата година

Имаме доволно пари за финансирање војна со Иран, изјави министерот за финансии на САД, Скот Бесент.
Бесент тврди дека администрацијата на Трамп бара дополнителни средства од Конгресот, за војската да биде добро опремена и во иднина.
Барањето на американската војска за дополнителни 200 милијарди долари за војната со Иран наиде на силен отпор во Конгресот, при што демократите, а и некои републиканци, ја доведуваат во прашање неопходноста по значителните трошоци за одбрана минатата година.
Претседателот Доналд Трамп сè уште формално не доставил предлог до Сенатот и до Претставничкиот дом за одобрување на средствата, а неговата администрација нагласи дека износот може да се промени.
„Имаме доволно пари за финансирање на оваа војна. Ова е дополнително финансирање. Претседателот Трамп ги зголеми воените капацитети, како што направи во својот прв мандат, како што прави сега во својот втор мандат и сака да се осигури дека војската е добро опремена и во иднина“,
рече Бесент.
Претходно и министерот за одбрана Пит Хегсет рече дека се потребни дополнителни средства за континуирано финансирање на воените сили.
Според експертите, проценките сугерираат дека војната во Иран би можела да биде поскапа за САД од конфликтите во Ирак и Авганистан. Администрациските претставници им кажаа на законодавците дека само во првите шест дена од војната со Иран биле потрошени 11 милијарди долари.
Конгресот, во кој доминираат републиканците, веќе одобри рекордно финансирање на војската откако Трамп ја презеде функцијата во јануари 2025 година. Минатиот месец, тој го потпиша законот за одбранбен буџет за фискалната 2026 година, кој предвидува околу 840 милијарди долари.
