Во моментов во Германија важи правилото за задолжителен карантин или самоизолација во траење од 14 дена за сите патници кои доаѓаат од така наречени ризични подрачја, а на таа листа од 160 земји е и Северна Македонија. Дури и да се укине забраната за туристички патувања во земјите од ЕУ, на македонските граѓани веројатно и натаму ќе им биде потребен негативен тест на ковид-19 за влез на германска територија, јавува Дојче Веле.
Туристичките патувања во Германија за македонските граѓани и натаму се забранети, но оние кои имаат виза или дозвола за престој можат да избегнат карантин доколку имаат негативен тест за коронавирусот. Карантинот може да го избегнете доколку на граница приложите негативен ПЦР тест за коронавирус не постар од 48 часа од моментот кога влегувате во земјата.
Се до 1 јули, за кога Европската комисија најави дека ќе ја укине забраната за влез во ЕУ за граѓаните на земјите од Западниот Балкан, и во Германија можете да влезете само доколку имате дозвола за престој, виза или валидна причина за патување, или пак да транзитирате кон трета земја, бидејќи туристичките патувања и натаму се забранети.
Но, според актуелната регулатива која е на сила во Германија, и по укинувањето на забраната за туристички патувања, државјаните на земјите надвор од ЕУ веројатно ќе мора да одат во 14 дневна изолација или карантин.
