Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство секое прекршување на законите, користење на службената положба за личен интерес мора и ќе биде санкционирано, и оти секој што се огрешил пред законот ќе сноси одговорност
Никој не е над законот, а борбата против корупцијата е врвен приоритет на Владата, се вели, меѓу другото, во соопштението од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) по повод апсењето и истрагата против актуелниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, кој е осомничен за примање поткуп.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најостро го осудува секое незаконско постапување и противправно дејствување, вклучително и последниот случај со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство“,
се наведува во соопштението од ресорното Министерство.
Оттаму велат дека очекуваат од надлежните институции – Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), целосно да го расчистат случајот и да постапат согласно законите и прописите на државата.
Според МЗШВ секое прекршување на законите, користење на службената положба за личен интерес мора и ќе биде санкционирано, и оти секој што се огрешил пред законот ќе сноси одговорност.
„Нагласуваме дека никој не е над законот и дека борбата против корупцијата е врвен приоритет на Владата“,
порачуваат оттаму.
Во тој контекст, од Министерството прават паралела меѓу дејствувањето на оваа и претходната влада, наведувајќи дека за разлика од времето кога СДСМ и ДУИ од позиција на власт ги штителе своите високи владини и партиски функционери, оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведува неселективна правда, без оглед на функцијата, позицијата или политичката припадност.
„Повеќе нема привилегирани и заштитени, ќе одговара секој, без исклучок“,
се додава во соопштението.
Од Министерството велат дека ги ухрабруваат земјоделците доколку во иднина се соочат со „вакви работи“, веднаш да пријават.
„Институциите функционираат и така ќе продолжат во иднина, транспарентно и одговорно во интерес на граѓаните и земјоделците се со цел заштитата на правниот поредок и владеењето на правото“,
велат од МЗШВ.
На актуелниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, кој на функцијата дојде во јуни 2024 година, како кадар на владејачката Социјалистичка партија на Македонија (СПМ), Судот денеска на барање на ОЈО ГОКК му определи 30-дневен притвор.
Против Анакиев надлежното Обвинителството отвори истрага поради основано сомнение за сторено кривично дело примање поткуп. Според деталите за случајот, што денеска ги споделија МВР и Обвининителството, тој како службено лице барал мито од 100 000 евра од сопственик на фирма за да овозможи стоката што таа ја увезувала да влезе во земјава, откако претходно била задржана на граничен премин. Образложението на осомничениот, според МВР, било дека стоката има забрана за влез бидејќи не ги исполнува законските услови за увоз. Од ОЈО ГОКК наведуваат дека осомничениот во периодот од 5 март до вчера директно ги барал парите, притоа вршејќи притисок врз службени лица да не му се одобри увоз на стока на правното лице, иако таа многупати претходно била увезувана.

Парите требало да бидат исплатени на три рати, преку шпедитерот кој требало да биде посредник во приморедавањето на средставата.
Полицијата го лишила од слобода Анакиев откако тој вчеравечер се сретнал со шпедитерот за примопредавање на првата рата од митото, во износ од 50 000 евра.
Во врска со неговото апсење денеска со свои реакции излегоа и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и од опозицискиот Социјалдеморкатски сојуз (СДСМ).
Од ВМРО-ДПМНЕ ја поздравија акцијата, наведувајќи дека овој случај претставува крај на неказнивоста оти законот важи за сите без разлика на политичката припадност, што како што наведоа не било случај за време на вледеењето на СДСМ и ДУИ.
Владејачката партија, истовремено, ја повика јавноста да не подлегнува на непроверени и сензационалистички информации што имаат за цел да нанесат штета на угледот на поединци и институции.
Според партијата на власт, остануваат посветени на поддршката на земјоделците преку конкретни мерки и политики што ќе обезбедат развој и стабилност на секторот.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, пак, рекоа дека последниот корупциски скандал не е изненадување затоа што тие веќ обелодениле многу други криминални и тендерски шеми.
„Ова е доказ зошто за земјоделците нема плати, зошто нема субвенции, нема исплата и зошто не може да очекуваат ништо од вака конципирани институции во земјоделството“,
рече Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Со свое соопштение денеска излезе и матичната Социјалистичка партија на Македонија (СПМ) на Анакиев, чиј потпретседател е тој.
Оттаму ги повикаа надлежните институции да постапуваат според закон, одговорно и без селективност да ги преземаат сите активности во разоткривањето на кој било случај за кој постојат основани сомненија за сторен криминал или злоупотреба на службената должност.
Од СПМ реагираа и на тоа што во дел од медиумите се објавени фотографии од чинот на апсење на нивниот функционер Анакиев. Сметаат дека за нивното протекување во јавноста одговорните институции треба да дадат издржано објаснување.
