Владејачката партија ја поздравува акцијата за апсење на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, додавајќи дека тоа е порака за сите оти Уставот и законите мора да се почитуваат
Зборувајќи за, како што рече, последниот корупциски скандал, Јон Фрчкоски, членот на Извршниот одбор на СДСМ, рече дека ова не е за изненадување оти веќе обелодениле многу други криминални и тендерски шеми
Откако вчеравечер во полициска акција е уапсен актуелниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, воедно и потпретседател на Социјалистичката партија на Македонија (СПМ), поради сомнение за примање мито, денеска со свои реакции излегоа и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и од опозицискиот Социјалдеморкатски сојуз (СДСМ).

Според ВМРО-ДПМНЕ, овој случај претставува крај на неказнивоста оти законот важи за сите без разлика на политичката припадност.
„Институциите постапуваат, за разлика од времето на СДС и ДУИ. СДС не може да сфати кога МВР ќе уапси актуелен директор, затоа што на бандата на Заев и Филипче им е несфатливо законот да важи неселективно и да се применува подеднакво за сите. Секој што го прекршил законот мора да одговара“,
велат од владејачката партија.
Оттаму ја поздравуваат акцијата за апсење на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, додавајќи дека тоа е порака за сите оти Уставот и законите мора да се почитуваат.
Очекуваат институциите целосно да го расчистат овој случај, а, како што велат од партијата, секој за кого ќе се утврди одговорност да одговара согласно законите.
Владејачката партија ја повикува јавноста да не подлегнува на непроверени и сензационалистички информации што имаат за цел да нанесат штета на угледот на поединци и институции.
„Времето на криминалот и криминалците заврши, а институциите се транспарентни и отчетни. Во време на владеењето на СДС и ДУИ јавноста беше сведок на бројни скандали и случаи со криминал и корупција што придонесе за пад на довербата во институциите и правниот систем. ВМРО-ДПМНЕ ја враќа довербата во институциите“,
се вели во партиското соопштение.
Според партијата на власт, остануваат посветени на поддршката на земјоделците преку конкретни мерки и политики што ќе обезбедат развој и стабилност на секторот.
Зборувајќи за, како што рече, последниот корупциски скандал, Јон Фрчкоски, членот на Извршниот одбор на СДСМ, рече дека ова не е за изненадување оти веќе обелодениле многу други криминални и тендерски шеми.
„Ова е доказ зошто за земјоделците нема плати, зошто нема субвенции, нема исплата и зошто не може да очекуваат ништо од вака конципирани институции во земјоделството“,
рече тој.
Според него, оваа, како што власта ја нарекува организирана акција за сузбивање криминал, е помпа, додавајќи дека тие не можат да се пофалат со такво нешто.
„Повеќе наликува дека некому му дошло преку глава, пријавил, па морале да постапат“,
кажа Фрчкоски.
Со свое соопштение денеска излезе и матичната Социјалистичка партија на Македонија (СПМ) на Анакиев, која воедно е и дел од владејачката коалиција.
Оттаму ги повикуваат надлежните институции да постапуваат според закон, одговорно и без селективност да ги преземаат сите активности во разоткривањето на кој било случај за кој постојат основани сомненија за сторен криминал или злоупотреба на службената должност.
Од СПМ реагираат и на тоа што во дел од медиумите се објавени фотографии од чинот на апсење на нивниот функционер Анакиев. Сметаат дека за нивното протекување во јавноста одговорните институции треба да дадат издржано објаснување.
„СПМ жестоко реагира на нападнатото партиско етикетирање на актуелни случаи со сериозни обвиненија и тенденциозното објавување фотографии со кои се гази врз човековото достоинство, а за што од одговорните е потребно издржано објаснување“,
се вели во партиската реакција.
Актуелниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, вчеравечер е уапсен во полициска акција под координација на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поради сомнение за примање мито.
Неофицијално, Анакиев бил фатен при примање поткуп во износ од околу 50 000 евра.
Тој е именуван за в.д. директор на Државниот инспекторат за земјоделство во јули 2024 година.
