Според опозициската партија, бизнис-шемата на Мицкоски личи на енергетски октопод, кој, како што додава, има длабоки и широки пипци, а се вклучени секторите од производство и увоз на струја, преку финансии до регулација
Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), на денешната прес-конференција од седиштето на партијата упати потсетување до новиот државен јавен обвинител Ненад Савески за јавно објавените скандали и индиции од нивна страна, за криминал и за бизнис-шемите на премиерот Христијан Мицкоски во енергетиката.

„Антикорупцискиот тим на СДСМ ја разоткри целата бизнис-мрежа на Христијан Мицкоски во енергетиката. Голем, внимателно плетен систем во кој се поврзани политиката и бизнис-интересите. Го потсетуваме новиот јавен обвинител. Три месеци нема никаква реакција за сериозни скандали и индиции за криминал што беа јавно објавени од нашиот тим“,
вели Фрчкоски.
Фрчкоски вели дека бизнис-шемата на Мицкоски личи на енергетски октопод кој, како што додава, има длабоки и широки пипци, а се вклучени секторите од производство и увоз на струја, преку финансии до регулација.
„Од Душан Адамовиќ, функционер на СНС, навивач, човек со криминално минато и почесен конзул, преку офшор структури на Кипар води до ‘Руднап груп‘ на Војин Лазаревиќ, а се вмрежува директно со Владата преку министерката Сања Божиновска. Потоа, мрежата се шири во Развојната банка, каде Мицкоски ја поставува Ефимија Димовска, сопруга на неговиот бизнис-партнер во хидроцентралите оти за секој бизнис потребна е банка. Во РЕК ʼБитолаʼ директор станува Иван Куковски, близок до семејството на Мицкоски и поранешен советник на Божиновска. Таму се контролира производството на струја. И конечно – во Регулаторната комисија за енергетика, со изборот на Ацо Ристов, каде се носат одлуките за цените“,
вели Фрчкоски.
Поради тоа, како што рече, очекуваат итно постапување од институциите за овие откриени бизнис-шеми.
„Поминаа три месеци, време е за постапување, доста беше молк. Да не чекаме уште три месеци, па повторно да дознаваме апсурди, дека на некого татко не му е татко“,
кажа тој.
