„Не испраќам војници никаде. А и да планирав, сигурно не би ви кажал“, изјави американскиот претседател одговарајќи на новинарски прашања по средбата со јапонската премиерка Санае Такаичи во Белата куќа
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска рече дека не му е во план да распоредува војници на Блискиот Исток во момент кога војната со Иран трае веќе четврта недела.

„Не испраќам војници никаде. А и да планирав, сигурно не би ви кажал. Но, не испраќам војници“,
изјави Трамп за новинарите по средбата со јапонската премиерка Санае Такаичи во Белата куќа.
Изјавата на американскиот претседател следува откако агенцијата „Ројтерс“, повикувајќи се на американски функционер и лица запознаени со прашањето, вчера објави дека администрацијата на Трамп размислува за распоредување илјадници американски војници за зајакнување на операцијата во Иран.
Во одмаздничките напади што Иран ги започна врз американските воени бази од почетокот на конфликтот на 28 февруари, убиени се вкупно 13 американски војници.
